Македонска квази демократија 

Оставивме многу грда слика околу организацијата на Младински Олимписки Игри, одржани во Скопје, Куманово и Осјек. Градот Осјек се понуди да влезе во организациониот одбор од едноставна причина. Македонија нема услови за одредени дисциплини за ваква Младинска Олимпијада.

Домаќини се МОК, Министерство за спорт и градоначалниците на градовите Скопје и Куманово. Да се добие можност за гостопримство на ваков светски настан е привилегија, голема одговорност и афирмација за нашата држава. За жал и тоа не успеавме да го спроведеме. Почнаа препукувања меѓу градоначалниците, МОК и Министерство за спорт, типични за префрлање вина кој е виновен за ваков организациски фијаско. Грдата слика за пречек во несоодветна организација одекна во светот. Се закитивме со лоша репутација.

Мојата лична перцепција е дека нашата држава Македонија влезе во демократскиот плуралистички систем практично неподготвена за разбирање на поимот демократија, како и политичка волја да научи да ги применува начелата.

Цели 35 години градиме и јакнеме партиска омраза кон различни противнички партии и поединци, како да сме смртни непријатели, а не сограѓани. Негативниот набој произлегува од нивното неуко мешање и земање право да говорат за сите аномалии во нашиот општествен живот, без оглед на својата некомпетентност. Тоа не е демократија. Тоа води кон анархија на системот.

Идеологијата на нашите политички партии е само во програмата на предизборната кампања, папиролошки поткрепена. Во пракса а апстрактна. Дијалог меѓу спротивставените страни мора да постои. Дијалектиката раѓа квалитетни решенија. Ќе ми дозволите да го искажам моето лично искуство за идентично лоши организации од областа на спортот на европско и светско ниво. Бев претседател на Ракометната федерација на Македонија во периодот меѓу 2003-2007 година. Федерацијата беше во зародиш.

Давав оптимална морална и финансиска поддршка за да пораснеме во сериозен партнер на Светската и Европска ракометна федерација. Така и беше. Пораснавме во нивните очи. Добивме можност да организираме светски првенства за кадети и јуниори во женски ракомет. Успеавме 2005-та година да се избориме Македонија да стане достоинствен домаќин на Европското ракометно првенство за жени 2008 година.

Можноста да бидеме домаќини на таков голем настан не ја добивме зашто имавме услови, туку поради фактот што успеав ја убедам EHF дека и на Македонија ѝ треба шанса да биде домаќин. Спортската сала ,,Борис Трајковски” беше под ингеренција за градба на Град Скопје.

Како градоначалник ја забрзав градбата. Градот се наоѓаше во многу тешка финансиска состојба кога стапив на функција, април 2005-та година. Од 2006-та година моите односи со премиерот Груевски тотално заладуваат бидејќи не му дозволив да управува со Градот Скопје. Побарав комуникација со него во врска со организацијата околу Европското првенство за жени во 2008-та година. Одговор беше, цитирам: ,,Ако не можеш да ја изградиш тогаш остави ја на Владата”. Тоа го сторив без мрвка суета. За мене беше најбитно да имаме квалитетна спортска сала за претстојното Европско првенство. И понатака инсистирав Владата на РМ да се вклучи во организацијата на Европското првенство. Одговорите беа смешни и недолични.

Тоа ме поттикна да си дадам оставка од функцијата претседател на РФМ со цел поквалитетна организација на Европското првенство, затоа што очигледно му пречев на екс премиерот вршејќи паралелно две функции. Сѐ што беше добронамерно, доброволно, хумано и на дело реализирано од моја страна му пречеше на господинот Груевски. Европското првенство за ракомет за жени во 2008-та година, беше оценето како најлошо организирано првенство, од страна на EHF. Заклучокот е дека при анархично и самоволно однесување на клучните луѓе од институциите на власт коишто треба најодговорно да бидат вклучени во организација на битни настани, ни се повторува како роул модел. Почитувани мои читатели, ќе излезам од темата поврзана со спорт и ќе посочам уште еден пример којшто ги засега граѓаните на Скопје. Во 2008 година се направи финален проект за првата од трите делници за трамвај во Скопје. Проект што во тоа време го чинеше Градот Скопје 1,5 милиони евра. Денеска истиот проект е десеткратно поскап. Во овој проект беше предвидено најмодерно депо за 48 трамвајски вагони со утврдена локација во Општина Аеродром. Сообраќајот ќе се движеше од Аеродром-Лисиче до Центар и назад. Беа утврдени трамвајска траса и станици. Распишав конкурс за овој проект но истиот беше блокиран од тогашната Влада на чело со Груевски. Имаше и силен медиумски притисок од антикорупциската комисија на чело со госпоѓа Димовска, дека не смеам да распишам конкурс како градоначалник во заминување. Писмено образложение никогаш добиено. Мојот мандат како градоначалник почна со првата минута од преземањето функција до последната со предавањето функција на новиот градоначалник. Сиот тој период имав неприкосновено право да одлучувам и да го водам Градот. Тендерот пропадна бидејќи потенцијалниот инвеститор се исплаши од наметнатите постапки на Владата и Антикорупциската. Достоинствено си заминав од функцијата. Оставив добар проект за трамвај во Скопје, но мојот заменик, господинот Коце Трајановски, верувам под притисок на Груевски, го уништи проектот. Денес ваков проект не постои ни како заведен во администрацијата на Градот.

За каква демократија станува збор? Ние не градиме демократско општество туку истото го разградуваме, водени од лични и партиски интереси, суетни, неискусни и неуки функционери. Демократијата како општествен систем не е за претходно неподготвени, не е за секого. За нас испадна дека е погубна. Дијалог мора да постои меѓу сите институции во Македонија затоа што испорачаното е заедничко! Како држава и како граѓани треба да тежнееме кон благодетите на напредната светска цивилизација. За жал, сами себе си залепивме ,,лепешка” во лице. Не сфативме ли дека од добро организиран јавен настан од светски размери расте нашата репутација во светот.

Со што да се пофалиме? Не е сѐ само во гостопримливост со пинџур или извоз на ајвар, очигледно нашиот најпрепознатлив бренд во светот. И да не ѝ се лутиме на Марта Кос! Да не му се лутиме и на огледалото, за нашиот грд одраз во него. Тоа сме ние.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close