Македонска музика за пречекот на Новата 2025 во Скопје
Музичката програма за испраќање на старата и пречекот на Новата 2025 година во главниот град вечер ќе биде со македонски изведувачи.
„Празнична магија 2025“ на плоштадот „Македонија“ организира Град Скопје. Новогодишниот концерт ќе почне во 19.30 часот со настап на Сара Мејс. Од 20.30 часот ќе настапи групата „Љубојна“, а потоа и „Ареа“, од 22 часот, и „Нокаут“ од 23.30.
Под мотото „Скопска новогодишна приказна“, дочек организира и Општина Кисела Вода, на платото пред спортската сала „Расадник“.
На концертот, кој ќе почне во 20 часот, ќе настапат „Куку Леле“ „ДНК“, Врчак, Влатко Лозановски. Водител на вечерта ќе биде Игор Џамбазов, кој и ќе настапи со „Гуру Харе бенд“.
Општината организира целодневна програма за сите генерации – од 10.30 часот е настапот на Балетското студио „Лебед“, ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“, а за најмладите се најавени „Поточиња“, аниматори и Дедо Мраз.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека сите скопјани се добредојдени на организираниот пречек на Новата година кој, како што вели, „ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија“.
Покана до сите жители на Скопје прати и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, најавувајќи „новогодишна атмосфера од 12 часот до утринските часови на плоштадот во општината, со богата ромска музика и песна“.