Македонска пештера

Наместо да ја споделиме болката со луѓетo кои ги загубија своите најблиски, ние ги споделувавме приказните од прес-конференциите за лиценците, вистински или лажни, кој можеби направил криминал, а кој можеби не.

На оној огромен протест во Белград минатата сабота, петнаесетина минути пред да дојде ударот од мистериозниот „звучен топ“, една од студентките која говореше од бината на плоштадот „Славија“, рече дека тие прават сѐ српските граѓани да не се дел од онаа позната Платонова пештера. Тоа можеби изгледаше како филозофски претенциозно, па дури и неразбирливо за најголемиот дел од присутните и оние што го следеа протестот преку телевизиските преноси. Но студентката беше во право, таа ја отсликуваше ситуацијата во Србија во последните 12 години и маѓепсаниот круг од кој граѓаните како да не гледаат излез и живеат според сенките. Кои се дури и лажни.

И македонските граѓани на свој начин живеат во слична Платонова пештера и тоа многу убиствено се покажа во непоимливата трагедија во Кочани. Поминаа шест дена и таа за многумина уште изгледа како да не се случила, иако и самите тие знаат дека таа е најгорката од можните горки вистини. Изгледа дека е така кога се живее според сенките.

 

Што, всушност, значи Платоновата пештера? Еве еден концизен приказ на оваа алегорија.

 

Алегоријата на пештерата, или Платоновата пештера, беше претставена од античкиот грчки филозоф Платон во неговото дело „Држава“ Книга VII за да го спореди „ефектот на знаењето и недостатокот од него врз нашата природа“. Напишано е како дијалог меѓу братот на Платон, Глаукон, и неговиот ментор Сократ, раскажан од филозофот.

 

Платон го замолил Сократ да опише група луѓе кои цел живот живееле врзани со синџири за ѕидот на една пештера, свртени кон празен ѕид. Луѓето гледаат сенки проектирани на ѕидот од предмети што минуваат пред оган зад нив и им даваат имиња на овие сенки. Сенките се реалноста на затворениците. Сократ објаснува дека сенките на ѕидот воопшто не се реалност, бидејќи тој може да ја согледа вистинската форма на реалноста, а не произведената реалност, која се сенките што ги гледаат затворениците.

 

Затворениците не ни сакаат да го напуштат затворот во пештерата, бидејќи не знаат подобар живот. Затворениците еден ден успеваат да ги скршат своите синџири и да откријат дека нивната реалност не била она што тие мислеле дека е. Тие го откриле сонцето, кое Платон го користи како аналогија на огнот што човекот не може да го види зад себе. Онака како што огнот фрла светлина на ѕидовите на пештерата, така човечката состојба е засекогаш врзана за впечатоците што се добиваат преку сетилата. Меѓутоа, ако чудесно избегаме од нашето ропство, ќе најдеме свет што не можеме да го разбереме – сонцето е неразбирливо за некој што никогаш не го видел.

 

Втората фаза на наративот се случува кога овие затвореници одеднаш се ослободуваат од своите окови, што сега им овозможува да ги свртат главите и да погледнат кон светлината. Ослободувањето од оковите предизвикува болка кај сега веќе поранешните затвореници, а таа е двојна: болка што произлегува од движењето на нивните вратови, кои, сега кога се слободни, можат да се движат во правци во кои нивните тела не се навикнати да се движат; и болка во очите, затоа што ослободените гледаат светлина што не се навикнати да ја гледаат. Оваа светлина ги спречува поранешните затвореници да ги видат луѓето и нивните артефакти. Затоа, иако се принудени да гледаат во самата светлина, тие претпочитаат да се свртат кон оние сенки кои се навикнати да ги набљудуваат, наместо да гледаат во предметите што им се претставени при ослободувањето. Потоа, еден од затворениците е насилно извлечен низ патеката што е тешко проодна. Поранешниот затвореник повторно доживува голема болка во очите, бидејќи сега се соочува со сончева светлина, која е многу поинтензивна од вештачката светлина на огнот. Постепеното навикнување на гледање предмети започнува со тоа што затвореникот прво ги препознава сенките на вистинските предмети, по што почнува да препознава слики на луѓе, флора, фауна и други нешта.

 

Фаталистички наративи

Овие денови од секоја уста се зборува дека Македонија е потонета, заробена, удавена во корупција во сите години независност. Дека нејзините граѓани во нивната пештера не знаат да функционираат на друг начин освен да бидат корумпирани или да корумпираат за најситни нешта, дури и безначајни, бесмислени. И дека нивниот живот е живот на сенки, без оглед дали се сиромашни или богати. Гневот, очајот, бесот и тагата носат и конечни заклучоци: дека ништо во оваа држава не вреди, дека е уништено, корумпирано, дека сме „смачкано племе“, како што напиша во песна Блаже Конески. Па некако се доаѓа до заклучок дека ние сме си доделиле извонредна улога на жртва на самите себеси и во таа улога дури наоѓаме и задоволство. Дека престојот во пештерата и гледањето на лажните сенки е подобро отколку обидот за промена и погледот кон сонцето.

 

Секако дека тоа се фаталистички наративи. Колку и да сакаме да претставиме дека ништо не чини во оваа држава и да кукаме над сопствената судбина во чие кроење и самите учествуваме, тоа, сепак, не е така. И за секој дострел да се погледне во сонцето, колку и да боли, сме се избориле. И од таа точка треба да одиме понатаму, а не да се враќаме назад, во „комфорот“ со синџирите во пештерата и сенките.

Случувањата околу трагедијата во Кочани некако покажува дека многумина се наклонети да ги гледаат сенките и да ослонуваат само на таа вистина. Новинарското известување од оваа незамислива трагедија се претвори во незамисливо репортерство. Барем во оние мејнстрим медиуми, особено телевизиите. Во извештаите, трагедијата, всушност, е обезличена. Основната црта за сите клучни приказни во журнализмот е личниот допир. За жал, тоа сега го снема, а го имаше порано. Тоа се случи што поради силниот обид на владата да го контролира наративот, што поради самоцензурирањето на медиумите од исплашеност што не ја познаваат својата улога.

Навратете се назад последнава недела на дневниците на националните телевизии: Панче Тошковски, па Панче Тошковски, па Панче Тошковски; потоа Љупчо Коцевски, па Љупчо Коцевски, па Љупчо Коцевски; па Арбен Таравари, па Арбен Таравари. Па одвреме-навреме Сашо Клековски. Министри, обвинители, други функционери. Трагедијата беше грабната од функционерите за да го прикажат бескомпромисниот почеток на борбата против корупцијата, а од човечка гледна точка највредните податоци јавноста ги добиваше од министерот за здравство. На социјалните мрежи, особено на Фејсбук, имаше искажувања на прежиевани од инферното во „Пулс“, но новинарството потклекна во една од неговите најкомплицирани битки. Владата ги соопшти имињата на загинатите дента на погребот, медиумите инцидентно објавуваа по некоја фотографија на оние што ги загубија животите. Всушност, најмногу се дозна за луѓето од и околу групата „ДНК“ што загинаа. За младите деца од Кочани, Штип, речиси да не се кажа ни збор.

 

Нивната тага не се вклопува со нашата тага

Истите овие медиуми објавуваа цели „таблоа“ на жртвите од речиси секое пукање во американските училишта и факултети. Ние ги гледавме оние што бесмислено ги загубиле животите во Америка, но не можевме да ги видиме оние што бесмислено загинаа во Кочани. Па, на пример, објавувавме десетици фотографии од скршената мајка на Алексеј Навални како, сепак, храбро стои покрај неговиот ковчег. Или екстремно тажните фотографии како другарите и роднините се простуваат од загинатите студенти од катастрофалната железничка несреќа во Грција. Приказните на луѓето од Кочани за трагичната загуба на нивните најблиски беа отфрлени, како нивната тага да не се вклопува со нашата тага.

Наместо да ја споделиме болката со луѓето кои ги загубија своите најблиски, ние ги споделувавме приказните од прес-конференциите на функционерите за лиценците, вистински или лажни, кој можеби направил криминал, а кој можеби не. Владините и други функционери ја запоседнаа јавноста, а новинарите благо го прифатија тоа.

Препораката како да се известува од погребот во Кочани беше врвот на сето тоа. Оваа влада е на власт само девет месеци. Таму има луѓе кои никогаш не биле во извршната власт. А во медиумите има новинари кои работат со децении и кои известувале за многу трагични настани во оваа држава и знаат дека една од основните задачи на журнализмот е да ѝ ги претстават на јавноста и радоста и тагата.

Има една анегдота од југословенското време од 1960-те кога на еден познат и влијателен политичар не му се допаднало пишувањето на агенцијата Ројтерс, па им дал наредба на подредените и полицијата: „Уапсете го тој Ројтерс!“ Така некако изгледаше она трагикомично соопштение на Владата во четвртокот, кога беше погребувањето во Кочани за работата на странските медиуми, кои, замислете, не ги следеле препораките на македонските владини претставници. Еве еден дел од соопштението на Владата за известувањето на странските медиуми.

„Во време кога интегритетот, точноста и одговорноста треба да бидат основата на известувањето, сведоци сме на непочитување на овие принципи. Сензационализмот и стремежот кон фотографии и наслови кои вознемируваат, привлекуваат внимание и кои имаат предност пред вистината, ја деградираат самата суштина на новинарството. Ова не само што е неприфатливо, туку е и длабоко штетно за целокупната јавност, но уште поважно за поединците и семејствата на погодените во оваа огромна трагедија. Искористувањето на моментот на жалост и тага заради спектакл е за осуда“. И уште ќе се додаде дека Владата изразува „најостра и недвосмислена осуда за неодговорните и неетички постапки на одредени странски медиуми, кои и покрај континуираните апели за почитување на етичкото новинарство, денеска ја преминаа секоја граница на хуманост и достоинство во известувањето за погребот во Кочани”.

Во основа, сѐ е поврзано со насочувањето на наративот и „контрола на штетата“ за оваа владина гарнитура од трагедијата без преседан во историјата на Македонија. Премиерот во првото обраќање вечерта во неделата, на денот на трагедијата не зборуваше за девастираните семејства во Кочани, за жителите на градот кои се уништени, тој зборуваше – за себеси. Еве како го почна неговото обраќање:

„Во мојот живот сум имал многу тешки моменти и предизвици, но ова денес е убедливо најтешкиот ден од мојот живот. Ми се кине срцето и немам сила да говорам денес. Скршен сум и мојот дух е срозен”.

И така натаму и така натаму. За трагедијата на семејствата имаше само две реченици подолу во обраќањето: „Денес е најважно да изразиме сочувство кон семејствата, да се молиме за семејствата на загинатите и повредените и за народот на Македонија. Да повикаме на заедништво и сплотеност и да се насочиме кон фактите и сѐ она кое е важно за почеток на едно големо ресетирање на системот“. За пред крајот пак да се наврати на себе: „Јас сум денеска скршен“.

 

Маск: Емпатијата е слабост на општеството

Емпатијата е најсилна кога човек ќе се поврзе со реални личности, без оглед дали ги знае или не. А не со бројки – 59; или се вестите за многу загинати млади луѓе, неколку од нив и деца. Дали таа емпатија треба да се поттикнува или да се контролира и потиснува? За крај на овој текст ќе ги пренесеме ставовите на новиот гуру на голем дел од македонските луѓе – милијардерот Илон Маск. Тој неодамна во разговорот со познатиот американски поткастер Џо Роган тврдеше дека сочувството и емпатијата е слабост на општеството.

Што точно рече Маск за емпатијата?

Маск: Има еден човек кој објавува на Икс и тој е навистина одличен, Гад Саад (канадски маркетиншки струњак)

Роган: Да, тој ми е пријател. Тој веќе неколку пати беше на поткастот.

 

Маск: Да, тој е одличен и зборува за, знаете, практично самоубиствена емпатија. На пример, имате толку многу емпатија што всушност извршувате самоубиство. Значи, имаме цивилизациска самоубиствена емпатија. И тоа е како, јас верувам во емпатија, мислам дека треба да се грижиме за другите луѓе, но треба да имаш емпатија за цивилизацијата во целина и да не се посветиш на цивилизациско самоубиство…

 

Маск: Основната слабост на западната цивилизација е емпатијата. Искористување на емпатијата. Тие ја експлоатираат грешката на западната цивилизација, а тоа е емпатичната реакција. Значи, мислам дека емпатијата е добра, но треба да размислите добро и да не бидете програмирани како робот.

Роган: Точно, да се разбере кога емпатијата всушност се користи како алатка.

Маск: Да, тоа е емпатијата како оружје, тоа е проблемот.

Овие негови зборови предизвикаа бура реакции на социјалните мрежи. Стотици луѓе како коментар на тезите на Маск споделија цитат од Густав Гилберт, затворски психолог на Нирнбершкиот процес, кој заклучи дека злото е отсуството на емпатија и дека тоа е заедничко за сите обвинети нацисти.

Други го наведуваа цитатот од Хана Арент, политичка теоретичарка и филозоф, позната по нејзините анализи за тоталитаризмот, злото и политиката, која е автор на концептот за баналноста на злото: „Смртта на човечката емпатија е еден од најраните и најочигледните знаци на една култура која е на работ на паѓање во варварство“.

Македонија не е на работ да западне во варварство, туку на работ да биде општество каде ќе биде контролирана емпатијата, журнализмот, па и животите. (Dw)

Љупчо Поповски

 

Back to top button
Close