Македонска ступидност

Трифун Костовски

Почитувани читатели, неизвесноста за иднината на светот од ден на ден станува сѐ поголема. Додека е светот во пресврт, Македонија е без економски компас.

Со доаѓањето на господинот Трамп на функција како претседател на најмоќната светска сила САД, многу нешта на светската политичка сцена се поместија.

Секако, интересот е вечниот мотив во креирањето иднина, посебно на најмоќните држави во светот. Во целата историја на НАТО членките, не постоел поголем внатрешен раскол од колку што е денес, посебно меѓу водечката САД и европските велесили, Велика Британија, Франција и Германија. Сојуз, кој е граден блиску 80 години со неприкосновена доверба меѓу членките, а денес сојуз на меѓусебна недоверба.

Венецуела само за два месеци веќе се смета за силен партнер на САД кој ја презеде контролата над најголемиот интерес- нафтата. Со еден потез го киднапираа претседателот Мадурo и неговото семејство.

Очигледно дека интересот е посилен од фер-плеј игрите на спротивставените држави во светот.

Моментално неизвесноста е сѐ понеизвесна со нападот врз Иран , кој последните 50-тина години е најопасниот противник на САД. Иран претставува една од водечките светски производители на сирова нафта. Повторно во прашање е интересот, односно контрола над производството на базичниот енергенс во светот, нафтата.

Изминаа цели 13 месеци од доаѓањето на господинот Трамп на претседателската позиција. Само за 13 месеци светот доживеа турбуленции кои објективно, за секој граѓанин низ светот се тотални изненадувања. Споредувајќи го господинот Трамп некогаш, со неговата визија и посветеност за светски мир во неговиот прв мандат, со неговите сегашни одлуки и потези, согледуваме друг систем на владеење.

Немам намера да го судам неговиот стил на владеење. При самото негово доаѓање беа отпочнати војни на Блискиот исток и Европа и секако, како претседател на светска и водечка велесила настојува да спроведе некаков светски поредок под негова контрола, кој првенствено треба да ги штити интересите на својата држава. Времето пред нас ќе даде одговор дали ваквото владеење е визионерство или пак ќе биде погубно за целото општество. Во секој случај погубно е за страдањата на недолжни цивили.

Почитувани читатели, јас сум Македонец, граѓанин на мојата татковина, Република Македонија, но истовремено сум граѓанин на светот каде што сакам мојата Македонија да си го најде своето место како мала, развиена и почитувана држава со задоволни граѓани.

Денес, мојата Македонија се соочува со невидени проблеми околу нејзиното опстојување. Економијата е најсилниот сегмент врз кој се гради држава со просперитет и безбедност за сите граѓани, а Македонија е земја на бенефиции и сиромашни граѓани.

Впрочем и војните кои се водат на најбрутален начин денеска во светот се исклучиво поради интересот и растот на сопствените економии.

Каква е економијата во Македонија?

Стопанските дејности, наследени од бившата Југославија, денес се минато. Од вкупно триесетина земјоделски и сточарски комбинати, некогашни силни индустриски капацитети во производството на црната и обоената металургија, феро легури, кожарска, хемиска, огноотпорна, текстилна, чевларска и индустрија за мебел, денес имаме само слободни индустриски зони. Индустриските зони претставуваат модерна колонизација каде граѓаните се само обична работна сила.

Македонија, за жал е најголемиот промотор на индустриските зони на целиот Балкан. Во овие индустриски зони на странските инвеститори им нудиме толку многу погодности со што ја потенцираме нашата ограниченост (ступидност) како народ и држава.

Овој факт сам за себе говори дека Македонија функционира без визија како треба да се гради сопственото стопанство.

Нудиме страшно големи бенефиции на секој инвеститор. Дури до 10% наша поддршка изразена преку финансиски средства исплатени од буџетот на РМ, покрај останатите бенефиции како што се бесплатна инфраструктурна поддршка, ослободени од ДДВ, царина и порез на добивка кои секоја фирма, регистрирана надвор од индустриските зони, мора да платиме.

Вработените во индустриските зони, денес на број повеќе од 20 илјади луѓе, имаат загарантирано бесплатен здравствен, пензиски и социјален бенефит базично покриени од државата, односно од нас граѓаните.

Во буџетот на РМ има равенство на финансиски средства од цирка 150 милиони евра меѓу субвенциите кои се даваат за земјоделство и сточарство, како и средства за привлекување странски инвестиции во земјава. Апсурд, кој за секој искусен стопанственик и познавач на макро економијата значи незрело општество.

Слободните индустриски зони претставуваат блиску 25% од бруто националниот производ и блиску 50% од вкупниот извоз на РМ. Кај ниту еден сосед во регионот нема такви проценти за учество во сопственото бруто домашен производ и извоз. Ниту еден сосед во регионот нема толку индустриски зони или ако постојат истите, имаат функција за зајакнување и развој на сопствената економија. Никој во регионот не издвојува толку буџетски средства за привлекување на страни инвеститори во слободните индустриски зони. За мене и многумина како мене искусни луѓе во стопанството, ваквиот бизнис подлежи на висок криминал и корупција. Со овој чин државата само ја потврдува ступидната политика за економски развој на земјата.

Наместо со години и децении наназад издвојување на сериозни финансиски средства за привлекување инвеститори во овие индустриски зони, кои временски немаат никаква гаранција дека ќе опстојат долго , средствата да се пренасочија за развој на земјоделието и сточарството, Македонија ќе беше далеку посилна во сите сегменти на нашето живеење. Без домашно силно стопанство не можеме да градиме силна држава со среќни граѓани и добар животен стандард. Го живееме дното во споредба со нашите соседи. Најголемото економско понижување за секој граѓанин на Република Македонија се токму вака менаџираните индустриски зони.

Порака до сите политички партии во земјава: Разбудете се и вооружете се со силни стопанственици и родољуби во земјава, за да го промениме текот на нашиот живот кон подобар економски развој.

Старата српска мудрост ,,Уздај се усе, у своје кљусе”, што значи без сопствена визија нема напредок и држава, треба да ни дотера ум. Незнаењето е најголемиот државен непријател. Ступидноста скапо ќе ја плаќаме.

Back to top button
Close