Македонската културна приказна во Европа

„Звучи парадоксално, но излегувањето од Македонија се чини одвојување, а всушност е вид спојување. Можеш да глумиш Англичанец во Скопје, во Англија си само Македонец”, напиша Горан Стефановски во својата пристапна беседа во МАНУ која ја нарече „Нашата приказна”. Навистина, надвор од границите на земјата во која си роден, постојано ќе бидеш прашуван од која земја потекнуваш. А во тоа не менува ништо што ти, можеби, подолго живееш во странство, отколку во земјата во која си се родил. Таа љубопитност на домородните често не е ништо лошо, зашто не мора да е одбивање, туку љубопитност што се крие зад изгледот или зад акцентот на личноста со која зборуваат. И јас ги „читам” трагите за можните биографии на луѓето околу мене, во Германија, не само во нивниот акцент, туку и во нивните имиња и презимиња.

Затоа, кога си македонска писателка која долго живее во Западна Европа, како што е кај мене, твојата и приказната на земјата на твојот мајчин јазик, во која објавуваш, ќе биде „силна и автентична”, каква што, според Горан Стефановски, треба да биде секоја приказна, доколку поседуваш и сведоштво за твоето творештво и за македонската литература, кое одговара на сите критериуми на денешната култура на информирање. А тоа значи, по можност, во дигитална форма. Ова сознание ми се потврди кога пред некој ден на еден германски колега му го испратив линкот со веб страната за моето литературно творештво од минатогодишниот каталог на „Македонската асоцијација на издавачи (МАИ)” за Саемот на книгата во Франкфурт. Тој каталог е првиот успешен обид за претставување на македонските автори на многу професионален начин, во дигитална форма. Преостанува тој идната година да се надгради и да се продлабочи.

Балканската збрка

Пред повеќе од две децении, во еден познат германски музеј, разговарав со еден од неговите основачи, прочуен историчар на модерната уметност.  Го прашував за една личност од минатото која тој ја познавал, родена пред Балканските војни во делот од Македонија кој сега припаѓа на Грција. А таму  се родени и моите родители, дополнив. Тој ме праша дали и јас сум Бугарка, како што мислел дека е таа личност. „Не, јас сум Македонка, а таа личност се преселила од Грција во Бугарија”, му објаснив. Тој ме погледна збунето кога ми рече: „А, значи Вашиот мајчин јазик е грчкиот?” Бил уверен дека во Грција сите зборувале грчки. Уште повеќе го збркав кога му реков дека мојот мајчин јазик е македонскиот, како што беше и на моите родители и во времето кога живееја во Грција. Прво ме гледаше збунето, потоа се насмеа гласно и ми рече: „Вие  сте умна жена, седнете и напишете ја Вашата приказна, за да знаеме кои сте!” Тоа е балканската збрка, која за најголемиот број луѓе во Европа е непознаница. Многумина немаат поим кога биле Балканските војни или Граѓанската војна во Грција.

Неговиот совет никогаш не го заборавив. Средбата беше една година по осамостојувањето на Македонија. Ми беше јасно дека  светот ќе има разбирање за нашата тешка положба на патот на осамостојувањето само ако успееме најдобро да ја претставиме „нашата приказна”. А неа најдобро ја раскажува културата. Една година подоцна, една група влијателни германски политичари од двете најголеми партии, организираа конференција со учество на македонскиот претседател Киро Глигоров во Бон, која служеше на промоцијата на Македонија. Најголемиот број политичари со кои зборував ме прашуваа дали е планирана сериозна промоција на македонската култура во европските метрополи, зашто тоа била најдобрата можност граѓаните во ЕУ да дознаат на најубавиот начин нешто повеќе за тоа кои се Македонците.

Презентирање на македонската приказна

Имам чувство дека до ден-денес ова сознание уште не допрело до македонската политика, надлежна за културата. Секако, тоа што Горан Стефановски го нарече „нашата приказна”, најдобро го покажува македонската литература. Но тоа презентирање на нашата македонска приказна уште не е направено како голем потфат, на пример, за саемот на книгата во Франкфурт или во Лајпциг. Зошто во овие години на застој во преговорите со ЕУ македонското министерство за култура не понуди Македонија да биде земја-гостин на еден од големите германски саеми на книгата? Хрватска тоа го направи во 2008-та во Лајпциг. На хрватските издавачи во организацијата на тој голем потфат, тогаш им помогнаа унгарски писатели и издавачи. Можеби „Македонската асоцијација на издавачи” треба да побара поддршка од хрватските и од словенечките издавачи, тие да бидат нивни „ментори”  во  амбициозниот потфат, Македонија во блиска иднина да биде земја-гостинка со својата литература  во Франкфурт или во Лајпциг.

За таков проект, кој може да се реализира само доколку е поддржан со доволно средства од државата, би биле изготвени  преводи на македонските автори од сите генерации, направени од најдобрите преведувачи од македонски на германски. Има наши млади германистки и германисти на германските универзитети кои би направиле извонредни преводи. Недостига само заедничката визија на сите фактори во издаваштвото и во политиката. За реализацијата на ваква голема презентација потребно е да се обединат најквалитетните, најкомпетентните и најталентираните умови во сферата на литературата и издаваштвото.  Зошто мислам дека е од големо значење ваков потфат? Затоа што застојот во преговорите  со ЕУ само ја поттикнува летаргијата  во македонското општество, но во времето додека се чека на  придвижување во преговорите може да се практикува добро организирана афирмација на македонската  литература и култура во ЕУ, што ќе биде и одредена сатисфакција за сите Македонци, во земјата и во светот. Зашто никој нема да дојде од големите и стари европски култури за да не‘ праша нас, Македонците, дали  сакаме да ја презентираме македонската култура во европските метрополи. Тоа треба да биде наша визија, зашто се работи за самобитноста на нашиот јазик и литература. Еден стар германски славист ми рече во една прилика дека тој бил студент по славистика во Германија кога бил кодифициран македонскиот јазик. Сите биле возбудени и се прашувале каков ќе биде патот на македонскиот јазик. Според него, богатата македонска литература  во годините по војната, но особено денес, била најдобриот доказ за самобитноста и богатството на македонскиот јазик.

Нам често во нашата типична македонска летаргија ни се чини дека светот мора да ги знае сите нешта што не‘ прават посебни, неповторливи и оригинални, затоа што за нас тие се саморазбирливи. Зашто тие нешта  се сведоштвата за нашата македонска приказна. Не помислуваме дека има многу малечки земји во светот како Македонија и дека ние самите треба да се направиме „видливи” за светот. Тоа е особено важно во денешниот дигитален свет.  Според податоците, повеќе од половина милион Македонци живеат во ЕУ. Сигурно меѓу нив има одлични професионалци кои може да се ангажираат во организацијата на промоцијата на македонската култура. Има нешта кои не зависат од нас во светската политика, но има доволно нешта во кои ние Македонците можеме да бидеме многу поактивни, а со тоа и поприсутни, барем во сферата на културата.

Кица Колбе

Извор: dw.mk

Back to top button
Close