Македонската навигација кривично го гони Управниот одбор. Со позајмицата на Владата МНАВ останале „зијан“ дури 50 илјади евра
Македонска навигација го „бомбардира“ Обвинителството за гонење на Организиран криминал со кривични пријави против Управниот одбор, а последната на нивна адреса стигна вчера, на 18 август како дополнување на досегашните пријави, информира „Фокус“.

Според документите со кои располагаме, откако владата на седница носи одлука со која го задолжува М-НАВ да одобри краткорочна позајмица од 7 милиони евра, Управниот одбор на ова претпријатие на својата 65-та седница одржана на 16 јули првично не го одобрува барањето, но само еден ден подоцна ја преиначува својата првична одлука и дава зелено светло за позајмица на Јавното претрпијатие за државни патишта.
„По ова задолжение, Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во состав на пријавените, на својата 65-та седница одржана на 16.07.2026 година, донел Одлука бр. 0201-730/5 со која НЕ СЕ ОДОБРУВА барањето, со образложение дека таквата позајмица е во спротивност со повеќе закони и меѓународни договори, носи сериозни финансиски и правни ризици и ја загрозува ликвидноста и репутацијата на друштвото. Во прилог на оваа одлука било и Мислењето од Агенцијата за цивилно воздухопловство (бр. 05-1121/2 од 16.07.2026 г.) кое експлицитно укажува на законските пречки. Ова докажува дека пријавените биле целосно свесни за незаконитоста.
Спротивно дејствие и донесување штетна одлука: И покрај сопствената претходна одлука и јасните укажувања за незаконитост, Управниот одбор, во истиот состав (пријавените), само еден ден подоцна, на седница одржана на 17.07.2026 година, донел нова, сосема спротивна Одлука бр. 0201-733/2 со која СЕ ОДОБРУВА краткорочната позајмица на ЈПДП во износ од 7.000.000 евра. Како правен основ за оваа одлука, Управниот одбор повторно се повикува единствено на задолжението од Владата.
Враќање на позајмицата и предизвикување дополнителна штета: По силниот медиумски притисок и јавното изложување на незаконитоста на зделката, на ден 13.08.2026 година, ЈП за државни патишта извршило враќање на средствата. Меѓутоа, со самиот чин на незаконско давање и враќање на средствата, на М-НАВ АД Скопје му е нанесена директна и веќе остварена финансиска штета. Позајмицата во износ од 7.000.000 евра е исплатена од девизната сметка на М-НАВ, додека враќањето на средствата е извршено на денарската сметка. Поради разликата во куповниот и продажниот курс на девизите, со самата конверзија на средствата, М-НАВ АД Скопје претрпел директна штета во износ од околу 50.000 евра. Оваа штета е директна последица на незаконското постапување на пријавените. Враќањето на главницата не ја елиминира веќе настанатата штета, ниту кривичната одговорност за стореното дело“, се наведува во последната кривична пријава со која располага „Фокус“.
…






