Македонската влада да го осуди геноцидот во Газа

Денко Малески

Појавата на ликот на Хитлер во журналот кој преходеше на филмската претстава, секогаш беше проследен со громогласен аплауз на арапската публика во кината на Плас Детоал во центарот на Бејрут, на почетокот од шеесеттите години. Син на амбасадор на Југославија, држава победник во антифашистичката војна токму против Хитлер и неговите сојузници, на некаде единаесетгодишна возраст, немав објаснување за овој феномен. Дури потоа, низ годините, ги разбрав причините за оваа омраза, производ на морална индиферентност на Арапите кон судбината на милиони Евреи во Европа кои завршија во гасните комори на нацистите. Разбрав за трагедијата на 700,000 Палестинци протерани од својата земја во првата воена акција на „етничко чистење“ со која се „правеше место“ за еврејските доселеници кои ја создадоа државата Израел во 1948. Во повоените времиња, знаевме и сочувствувавме со еврејската трагедија , ама за втората, палестинската, не знаевме ништо.

 

Паметам, бевме фасцинирани од вредните раце на еврејските доселеници кои ја создадоа една од најуспешните држави во светот на која гледаввме со восхит. Економски просперитетната земја, единствената демократија на Блискиот исток, ја имаше сесрдната поддршка на Европа, а особено на Америка. Но, за маката на Палестинците во држава на апартхејд, никој не зборуваше.Денес, во ерата на дигиталната технологија веќе не е можно ништо да се скрие од очите на светската јавност. Додека Палестинците се бомбардирани со вистински бомби, ние сме „бомбардирани“ со сцени на ужас на екраните во кои систематски се убиваат мажи, жени и деца, во досега навидени размери. Во нашите домови секојдневно гледаме сцени на гладни луѓе кои се туркаат со лонци во рацете оклоу казаните со храна, сцени на болни во разрушени болници, сцени на убиени и ранети, сцени на ранети деца, сцени на детски солзи… Од нападот на Хамас на 7 октомври до денес убиени се преку 50,000 луѓе а преку 100,000 се ранети. Тоа е геноцид.

Секако нема да аплаудираме на трагедиите на народите, како во бејрустките кина од моето детство, но се плашам дека сликите кои секојдневно ги гледаме на екраните од геноцидот врз Палестинците во Газа ќе не направат морално индиферентни кон страдањата на други човечки суштества. Затоа,во наше име, македонската држава мора јасно и јавно да ја осуди политиката на десничарската, националистичка и геноцидна политика на владата на Бенџамин Нетанијаху и да застане во одбрана на голите животи на Палестинците. Политиката е зацртана и поддржана од безмалку сите 193 членки на ОН: создавање на палестинска држава. Со децении живеевме во заблуда дека палестинските политички претставници се тие кои ја саботираат идејата за палестинска држава на Западниот брег и во појасот Газа, за конечно да разбереме дека зад саботажата цело време стоела идејата за Голем Израел. Идеја врз основа на која 6 милиони Евреи им го оспоруваат правото на постоење во своја држава на 6 милиони Палестинци држејќи ги репресирани под систем на апартхејд.

 

Back to top button
Close