Македонски бегалци во Бугарија

Бројот на баратели на азил од Македонија, кои во 2020 година поднеле барање за заштита во Бугарија, е рамен на – нула. Ниту еден. Тоа го покажуваат најновите статистички податоци обајвени деновиве од Евростат.

Човек навистина може да се запраша дали навистина ниту еден од припадниците на „загрозеното “ бугарско малцинство во Македонија, – за кое интензивно трубат политичките лидери во Софија, и за чија заштита од наводната репресија, политички прогон и дискриминација, бугарскиот претседател Радев неодмна изрази готовност да ги испарти бугарските тајни безбедносни служби, – не се решил да побара азилантска заштита и спас во „мајка“ Бугарија.

Она што јасно се забележува од статистиката на Евростат е дека македонски граѓани поднесуваат азилантски барања најмногу во западноевропските членки на ЕУ. Тоа што всшност е позитивно од читањето на статистичките податоци е дека бројките на азиланти од Македонија континуирано се намлуваат во последните години. Од 2016 година, кога се регистрирани вкупно 6.720 поднесени барања за азилантска заштита од македонски државјани, двојно помалку во 2018 година, па до осум пати помалата бројка во 2020 година – 840, а што секако е и резултат и на ограничените можности за влез на подрачјето на ЕУ поради пандемијата. И лани најпривлечни земји за македонските азиланти биле Германија (410 азилантски барања поднесни за првпат), Франција (240 барања), а по 55 биле поднесени во Шведска, Белгија и Холандија. Во Италија, како и Австрија, се регистрирани по 10 барања за азил.

Азилантските бранови од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, се значително намалени од периодот на воведување на визната либерализација со ЕУ пред десетина години. Баратели од Западен Балкан имаат најмалку шанси да добијат каква било меѓународна заштита или статус на азиланти. Пред сè станува збор за намалување на неосновани барања од страна на лажни азиланти, кои како „економски мигранти“, односно апликанти на кои не им е потребна виза за влез во Шенген-зоната, го оптоваруваат азилантскиот систем на ЕУ.

Стапката на признавање на азилантски статус во ЕУ е околу 33 отсто. Азил најчесто добиваат бегалци од Сирија, 85 отсто, Јемен, 82 отсто и Еритреја, 81 отсто, додека најниска стапка на одобрување на азил имаат граѓаните на Македонија и Молдавците, со еден отсто, и Албанците со шест отсто. Македонците се исто така меѓу лицата кои најмногу повторно аплицираат откако ќе бидат одбиени. Една третина од македонските баратели го прави тоа и покрај фактот што имаат најмалку шанси да добијат азил.

Поради тоа повеќе западноевропски земји како појдовна основа имаат список на безбедни држави, меѓу кои се и земјите од Западен Балкан, кои се сметаат за безбедни од аспект на азилантското право. Тоа практично значи дека граѓани од држави вклучени на таков список не можат да побараат азил повикувајќи се на политичко гонење и автоматски, односно по скратена постапка на разгледување на азилантски барања, се депортираат, без оглед што често се актуелизират и заложби за разјаснување на тоа колку овие држави навистина можат да бидат третирани како сигурни.

Таков список на безбедни држави е воведен во Германија во 2014 година, во Норвешка неколку години претходно, а во Шведска се очекува да  стапи на сила на 1 мај годинава, со тоа што на списокот на шведскиот Миграциски завод како безбедни држави, меѓу другите, се наведени Македонија, Србија, Косово, Босна и Албанија.

И покрај таквите списоци барателите на азил и во иднина ќе добијат можност за индивидуална проверка на секој одделен случај, но разликата сега е што процедурата нема да трае со месеци, овозможувајќи им на азилантите да го злоуптребат системот, да ги ползуваат бенефитите и да „заработуваат илегално“ додека го чекаат одговорот на поднесените азилантски барања, туку и по само неколку дена ќе бидат враќани назад  во земјите од кои дошле, со првите повратни летови.

Сепак, во рамки на ЕУ, и покрај кризата која се продлабочи по рекордно големите азилантски бранови во 2015 и 2016 година, и понатаму се гарантира дека секој има право да бара и да ужива во други држави азил од прогон, што е загарантирано и во Универзалната декларација на Обединетите нации од 1948 година.

Во тој контекст несомнено останува интересно прашањето, на кое со внимание би требало да се очекува одговор од бугарскиот државен врв, во колкав обем, како последица на репресија и поради страв од прогон или тортура, во Бугарија бараат заштита припадниците на „обесправеното бугарско малцинство“ во Македонија?

Во азилантската статистика на ЕУ нема податоци кои би укажувале на движења на бегалци во насока од Македонија кон Бугарија, која, впрочем, како полноправна ЕУ-членка веќе деценија и пол функционира и како дел од европскиот азилантски систем. Заклучоци во однос на таква проблематика не се понудени ни во најновиот годишен извештај на Стејт Департментот за Македонија, и за Бугарија, туку се осудува политиката на Софија кон македонското малцинство во Бугарија.

Прашање за кое би била потребна посеопфатна анализа е во колкав обем всушност се бара азилантска заштита во други држави поради репресивниот и негаторски однос на бугарските власти, проследен со непочитување на слободата на здружување и одбивање да се регистрираат активистички групи на етнички Македонци во Бугарија?

Красимир Каракчанов, во негов провокативен стил, веднаш ги повика „никаквеците во американскиот Стејт департмент“ да си ја изострат диоптријата и да кажат „каде видоа македонско малцинство“ во Бугарија? Но, без оглед на дегутантните и деградирачки критики на бугарскиот вицепремиер, чија последица не е ништо повеќе отколку можеби краткотрајна состојба на шок, македонската дипломатија сега добива уште еден значаен повод да ја изостри на меѓународен план – сопствената диоптрија.

Ивица Челиковиќ

 

Back to top button
Close