Македонски Бугари оддадоа почит пред спомен-плочата на Мара Бунева во Скопје

Десетина граѓани кои се декларираат како македонски Бугари денеска, како и во минатите години, оддадоа почит на спомен-плочата на Мара Бунева на кејот на Вардар во центарот на Скопје, по повод 97 години од нејзината смрт.

На спомен-плочата и пред слика на Бунева што ја донесоа, тие оставија цвеќе откако претходно организираа панихида во црквата „Св. Димитрија“ и по оддавањето почит и заедничкото фотографирање се разотидоа од местото на чествувањето.

На прашање од медиумите дали имаат порака, еден од нив кратко изјави дека очекуваат македонските Бугари наскоро да бидат ставени во Уставот на Северна Македонија и, како што рече, „да заврши омразата меѓу балканските народи“.

-Македонија си е држава, но има и македонски Бугари. Ние месните, овде што се собираме, сме македонски Бугари. Кога еден ден ќе нѐ стават во Уставот, се ќе си дојде на свое место. Очекуваме тоа да биде наскоро, тоа е природен процес, мора да биде тоа така. Само ние не сме во Уставот, рече тој.

Македонски Бугари оддадоа почит пред спомен-плочата на Мара Бунева во Скопје 2

Мара Бунева (1902 — 1928), родена во Тетово, на 14 јануари 1928 на кејот на Вардар во Скопје извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ и потоа се самоубила.

Back to top button
Close