Македонски дипломатски синдикат: Не е вистина дека директорот на протокол во МНР си дал оставка

Македонскиот дипломатски синдикат денеска реагираше на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека поради грешка со поставување знамиња, оставка поднел директорот на Протоколот во МНР, тврдејќи дека ваквата информацијата не е вистинита.

Според Синдикатот, механизам оставка на државен службеник не постои, посочувајќи дека директорот на протоколот во МНР за една недела треба да замине како „амбасадор во една голема земја“ и оти за таму картите му биле извадени уште пред „грешката со знамињата“.

– До кога Османи ќе го жртвува угледот на дипломати за да се заштитите себе си од одговорност? Каква е таа оставка од државен службеник? Такво нешто не постои. Дали измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако. Лагата околу наводната оставка да биде уште побескрупулозна, споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде што картите му се извадени уште пред инцидентот со знамињата, се вели во денешното соопштение од Македонскиот дипломатски синдикат.

Тие додаваат дека се почесто се случува министерот Османи да излегува во јавност со невистините информации.

– Бујар Османи е единствен министер во светската дипломатска историја од кого неговите дипломати се имаат оградено, а подоцна и барале оставка. Како Синдикат се согласуваме дека оставка е потребна, но не некаква фингирана, од колеги кои не можат да дадат оставка. Оставка треба да даде господинот Османи, што побрзо, зошто во желбата да проектира поубава слика за себе, преку партизирање и централизирање на куќата на дипломатијата, сака да стави се под своја контрола, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.

Оттаму најавуваат дека ќе продолжат да се борат за, како што велат, зачувување на дигнитетот на професијата и за остварување на економските, социјалните, здравствените и професионалните права на вработените во МНР.

Претходно денеска и ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини шефот на дипломатијата Османи дека „не ја кажа вистината“ кога соопшти дека директорот на протоколот во Министерството за надворешни работи поднел оставка поради „згрешеното знаме“ за време на посетата на словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон. Според партијата, вистината е дека тој е унапреден за амбасадор во Москва.

– Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек кој не разликува знаме, може да преставува држава?, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Османи синоќа при гостување во емисијата „24 анализа“ на ТВ24 изјави дека директорот на протоколот во МНР поднел оставка поради тоа што за време на посетата на неговата словенечка колешка Тања Фајон на земјава, на масата каде што седеше со него наместо знамето на нејзината земја Словенија беше истакнато знамето на Словачка.

– Кога имате интензивна агенда се прават грешки. Директорот на протоколот поднесе оставка, иако немаше никаква директна одговорност, која ја прифатив. Тоа се други луѓе, а поради морална одговорност поднесе оставка, а работеше една година, изјави Османи.

Back to top button
Close