Македонски државјанин фатен во обид за шверц на 716 грама злато на српско-хрватска граница

Во багажот на 47-годишниот македонски државјанин, освен ланчиња, алки, обетки и прстени, имало и 39 дукати со вкупна тежина од над 135 грама, а најмасивното индивидуално парче накит е нараквица тешка 85 грама обложена со дукати

Македонски државјанин бил спречен во обид за шверц на 716 грама златен накит, од страна на српската царина на граничниот премин „Батровци“ со Хрватска, јави дописникот на МИА од Белград.

Златниот накит бил откриен во саботата, на 21 февруари кога на влезот на граничниот премин „Батровци“ меѓу Хрватска и Србија, пристигнало возилото со марка „шкода октавиа“ ВРС, со швајцарски регистарски таблички, во кое од Швајцарија до Северна Македонија патувале четири лица.

На поставеното прашање на цариниците дали имаат што да пријават и дали со себе носат вредни предмети, сите патници одговориле дека со себе носат единствено личен багаж.

Сепак, по прегледот на багажот, во два куфери покрај личните работи, била спакувана и поголема количина златен накит, кој никој не го спомнал. Станува збор за 716 грама разновиден накит, за кој како сопственик се пријавил патникот кој седел на задното седиште.

Во багажот на овој 47-годишен македонски државјанин, освен ланчиња, алки, обетки и прстени, имало и 39 дукати со вкупна тежина од над 135 грама. Најмасивното индивидуално парче накит е нараквица тешка 85 грама обложена со дукати.

Фото: МИА

Заедно со овој случај, за само три дена (16, 17 и 19 февруари) на срспките гранични премини беа запленети над 4,2 килограми злато, скриени под патосници, под пазувите на патниците и сега во личен багаж.

Back to top button
Close