Македонски граѓани викендов повторно ќе се вакцинираат во Србија

Во организација на Српскиот културен информативен центар „Спона“, за време на викендот, денеска и утре, нова група од околу 800 граѓани на С Македонија ќе биде вакцинирана против коронавирусот во Здравствениот дом во Врање.

Досега илјадници граѓани на С Македонија ја искористија шансата за вакцинација против ковид-19 во соседна Србија, а овој месец ќе започне и ревакцинацијата на оние што таму ја примија првата доза на „Астра Зенека“.

Во Институтот за вирологија и серуми „Торлак“, во Белград вчера започна со производство на руската вакцина „спутник В“. Очекувањата се дека првата произведена вакцина во „Торлак“ ќе се најде на вакциналните пунктови за десетина дена. Истовремено и Аргентина започна со производство на руската вакцинa.

Претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин преку видеолинк присуствуваа на стартот на производството на вакцината.

Производството започна откако вчера авионски од Русија пристигнаа потребните супстанци, кои ги користи и рускиот производител Национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалаја“.

Претходно, српските власти најавија дека од следната година самостојно ќе произведуваат вакцини односно нема да има потреба од набавување супстанци од Русија бидејќи српската Влада издвоила и 50 милиони евра за опрема.

Во октомври годинава Србија треба да почне и со производство на кинеската вакцина „Синофарм“, што беше договорена како директна гринфилд инвестиција.

Back to top button
Close