Mакедонски клуб во Благоевград: „Идентитетот не се брише“
Вчерашното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ го претвори Благоевград во „мини космос“ за македонската и бугарската јавност. Од синоќа (30.10) се сумираат впечатоците, се анализираат изјавите, се коментираат децибелите од музиката и националистичките извици со кои бугарската ВМРО-БНД се обиде да ги „стиши“ говорниците во клубот.
Да не беше толку силна вревата, ќе можеа да ја слушнат пораката на Милан Ризаков, член на ОМО Илинден-Пирин.
„Цели 32 години се отфрлани нашите напори да регистрираме сопствени организации преку кои ќе учествуваме во културниот, општествениот и политичкиот живот. За ова земјата 15 пати е осудена од Европскиот суд за човекови права. Не сакаме никого да судиме, само сакаме да бидеме еднакви како и другите граѓани. Сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци без да нѐ навредуваат. Да може без страв да се собираме и да создаваме. Да бидеме од корист за двете земји и за двата народа – затоа што ја знаеме нивната душа и култура. Да се биде Македонец не е антибугарска работа“, порача Ризаков.
Но, овие пораки како да останаа во сенка на пребројувањето.
„Имаше повеќе гости отколку домаќини“, оцени „24 часа“, кој информира за солидно странско присуство на отворањето на клубот, додека локалните кои се самоопределуваат како Македонци, „не биле повеќе од 50 луѓе“.
Но сите се согласни дека најбројна била полицијата.
„Од рано утрото градот поцрни од полиција и жандармерија. Толку беа многубројни, што човек можеше да се помисли дека има национална средба на униформираните. А нивниот шеф, министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, си пиеше кафе на плоштадот и даваше инструкции“ ја опиша „Труд“ атмсферата во Благоевград.
Запрашан дали биле неопходни драконски безбедносни мерки, и дали ќе се анализира она што се случи во Благоевград, Демерџиев за БНР изјави дека такви мерки биле неопходни за да се покаже дека Бугарија е правна држава.
„Категорично имаше потреба од драконски мерки за безбедност, за да докажеме дека сме правна држава, која е способна да одржува ред на својата територија, да организира цивилизиран тек на такви настани, да не дозволува ексцеси. Ние требаше да покажеме, дека за разлика од другите држави, прекршувања во Бугарија не се толерираат. Ќе ги примениме сите закони на бугарската држава. Нашата задача е исполнета. Оттука натаму ќе ги искористиме сите можности на правото и политиката“, рече Демерџиев за БНР.
„Мобилни“ букви
Сепак, најголемо внимание во бугарската јавност предизвика дијалогот на бугарски граѓанин кој пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предочи дека е внук на поетот од неговиот брат, и посака и да му подари на Мицкоски книга за Вапцаров, во која тој самиот напишал што е по националност. Мицкоски му возврати на ист начин.
„Да ви дадам јас една книга од нашата македонска историја што ја напишал Вапцаров за Македонија и неговиот македонски идентитет. Следниот пат, ви ветувам дека ќе ви дадам книга. Вие читајте ја и учете ја вашата историја, а ние ќе ја читаме и учиме нашата. Ќе ви дадам и слика, и ракопис, и како пишувал заедно со Коста Солев Рацин и со Венко Марковски и останатите. Оставете ја историјата на историчарите. Да си ја учиме ние нашата историја, вие учете ја вашата. Да сте ми живи и здрави“, му порача Мицкоск
Сојузот на бугарските писатели, кој го поддржа неодамнешниот став на наследниците на Вапцаров (кои потенцираа дека тој е Бугарин, роден од мајка Бугарка и татко Бугарин), отворањето на македонскиот клуб го искористи за „да изрази надеж дека бугарската влада ќе востанови државна литературна награда со името на Никола Вапцаров“.
Уште додека траеја подготовките за отворање на македонскиот културен клуб, на почетокот на октомври од зборот „Македонски“ беше избришана буквата „М“. Таа во меѓувреме е вратена, а на денот на отворањето недостигаше буквата „Е“, па дел од тамошниот наратив беше дека се отвора „Мак-донски“ клуб. Не недостигаа ни омаловажувања за просторната големина на клубот. Водител на БТВ рече дека со едно столче, една масичка и 40-тина квадаратни метри, на социјалните мрежи големината на клубот била споредувана со „квадратура на маалски фризерски салон“.
Топла средба
Македонците кои вчера присуствуваа на отворањето на клубот не ја мереа квадратурата, туку значајноста на настанот. Како го доживеа тој чин Лилјана Поповска, поранешна претседателка на партијата ДОМ, која приватно, во друштво со семејни пријатели вчера беше во Благоевград?
„Отидовме да ги поддржиме Македонците во Бугарија во нивната борба за правото на слободно искажување на националната припадност како Македонци и практикување на нивните културни права. За таа цел, не треба да се попречува регистрација и делување на македонските здруженија. Ова го наложуваат и судските пресуди од Стразбур“, потенцира Поповска.
Иако имало неколку несмасни провокации, вели дека тие не го помрачиле денот, туку се остварила многу топла и солидарна средба на Македонци од различни краишта на Македонија.
„Сретнавме луѓе што раскажуваа жива историја за затвори, тепања, бркања од работа, уцени со деца и блиски, само и само зашто не сакале да се откажат од себеси како Македонци. Тоа се луѓе херои, кои едноставно и спокојно велат дека борбата не им била залудна и дека доаѓа време кога ќе можат во својата држава Бугарија да кажат дека се Македонци, слободно и без последици“, раскажува Поповска, восхитена од нивниот нескршлив дух.
Нејзиниот впечаток е дека граѓаните на Благоевград мирно го набљудувале вчерашните случувања.
„Којзнае колку деца, внуци и роднини на репресирани Македонци нѐ гледаа вчера. И веројатно затоа погледите им беа благи и спокојни. Ова беше победа на многу жители на Благоевград и на целиот Пирински крај. Борбата нивна и на нивните предци почна да дава плод“, оценува Поповска.
Вчерашниот ден ја потсетил на друг настан, но и на слично отсуство на грижа од властите.
„Се сетив за историскиот собир на пиринските Македонци во Рожен, во 1990 година, кога се собраа неколку десетици илјади и ги прекрија ридовите околу гробот на Јане Сандански, изјавувајќи со пркос: „Велат, нѐ нема… Ни тогаш македонската држава не покажа грижа и не ги прегрна нашинците, кои ризикуваа толку многу, изложувајќи сѐ. Идентитетот е печат на душата и не се брише ни со прогон, ни со политички договори и протоколи, изнудени со сила и уцени“, коментира Поповска.
извор: ДВ