Македонски тенисер од Универзитетот во Јута обвинет за силување
Македонскиот тенисер Берг Бугариќ, кој студира на Универзитетот во Јута, САД, во вторникот е обвинет за силување, пишува медиумот „Фокс 13“ од Солт Лејк Сити.
Инцидентот, како што се додава во написот, се случил минатата година, а обвинението е донесено во вторникот од страна на Канцеларијата на окружниот обвинител на округот Солт Лејк.
Тој има три обвиненија за силување, две обвиненија за присилна содомија и едно обвинение за силување со предмети. Сите шест се кривични дела од прв степен.
Според пишувањата на медиумот, жртвата ѝ кажала на полицијата дека се дружела со група пријатели и Бугариќ во бар во ноември минатата година. Потоа, таа рекла дека отишле во домот на Бугариќ каде двајцата влегле во неговата соба и почнале да се бакнуваат. Таа рекла дека не сака да има секс, но тој ја игнорирал и ја силувал.
Жената потоа рекла дека се обидела да си замине, но Бугариќ ја турнал на ѕидот и повторно ја силувал.
За Бугариќ бил издаден налог за апсење без кауција, но според медиумот се уште немало информации дали тој е во притвор.
Во тенискиот список на Јута се вели дека Бугариќ е трета година и оти тој е од Македонија.
Во одговорот од Универзитетот до „Фокс 13“ се вели дека студентот е суспендиран.
„Свесни сме за кривичните пријави поднесени против студент-спортист по машки тенис. Откако првично дознавме во ноември 2024 година за обвинение против студент-спортист, Атлетскиот оддел веднаш го суспендираше. Во јануари 2025 година, кога не беа поднесени обвиненија против студентот-спортист, суспензијата беше укината со услов да биде повторно применета доколку бидат поднесени обвиненија во случајот. Ги третираме обвинувањата за значително недолично однесување многу сериозно, а студентот-спортист повторно е суспендиран“,
се вели во одговорот.
Инаку, Берг Бугариќ е 21-годишен тенисер од Македонија, кој доби целосна стипендија на Универзитетот во Јута, САД. Тој е четирикратен јуниорски македонски шампион.