Македонски возач протеран од Германија, надминал три дена од дозволените во Шенген зоната: „Макам-транс“ со итно предупредување до транспортерите
Македонските превозници се соочуваат со засилени контроли во Шенген зоната, а последниот случај од пристаништето Росток во Германија е сериозен аларм за сите транспортни компании, соопшти Макам транс.

Од Макам транс посочуваат дека денес во 14 часот ќе има состанок на работната група во Европска комисија во врска со донесување конкретни решенија во врска со шенген правилата за продолжен престој на професионалните возачи 90 во 180 дена.
„По одржување на состанокот ќе имаме подетални информации во однос на кој начин ќе се регулира продолжениот престој на професионалните возачи во Шенген зоната.
Ви напоменуваме да внимавате и да ги проверувате деновите за престој на возачите во Шенген зоната, и доколку при ваша проверка имаат повеќе од 90 дена или мал број денови за да ја завршат превозната операција немојте да ги пуштате на пат.
Денес на пристаништето Росток – Германија контролиран е македонски возач кај кој е утврдено надминување на 3 дена од дозволените 90 во 180. За истото изречена им е парична казна од 150 евра и побарано е потврдна резервација за авион со кој доброволно ќе ја напушти Германија, а возилото кое е товарено ќе се предаде на друг возач од истото превозно трговско друштво да ја продолжи превозната операција. При напуштање на Германија на возачот ќе му биде издаден документ на кој ќе е наведено кога повторно ќе му биде дозволен влез во Шенген зоната.
Исто така колегите од регионот ни напоменаа дека по сега важечките прописи за престој, доколку по втор пат при контрола се фати истиот возач за надминување на деновите, можно е изрекување на забрана од 5 години за влез во Шенген зоната.
Согласно искуството од регионот се препорачува избегнување на пристаништето Росток и Салзбург како места на кои најчесто се врши контрола“, стои во соопштението од Макам транс.





