Македонскиот јазик е признат од ЕУ, кажа ирскиот министер за европски прашања во Скопје

Од денешната заедничка прес-конференција на Бирн и Муртезани

Патот на Северна Македонија е навистина долг и мачен, но ние мора да го доведеме до позитивен исход, кажа ирскиот министер за европски прашања и одбрана, Томас Бирн, денеска во Скопје.

Ирска ќе биде претседавач со Европската Унија од втората половина на идната година, а Бирн уверува дека еден од нивните приоритети ќе биде проширување врз основа на заслуги.

Во одговор на новинарско прашање тој посочи дека не може да дава никакви гаранции околу евентуални идни блокади, но убеден е дека други изговори освен спроведување на францускиот предлог нема да има.

„Патот на Северна Македонија кон Европската Унија е мачен, тука бев пред 3 години, по Францускиот договор, и сметам дека тоа треба да се спроведе, така ќе се отвори преговарачкиот процес.

Не можам да давам никакви гаранции во животот, освен тоа дека ќе работам секојдневно за да го олеснам вашето пристапување врз основа на заслуги во ЕУ, така ќе прават и сите други земји членки на ЕУ.

Ние цврсто веруваме дека кога Договорот, кој беше направен пред три години, ќе биде имплементиран од ваша страна, со тоа ќе се отвори преговарачкиот процес, нема други изговори.

Македонскиот јазик е признаен од ЕУ, ФРОНТЕКС-договорот е составен на македонски јазик, и Албанија ќе се приклучи кон ЕУ, така што албанскиот и македонскиот јазик ќе го имаат истиот статус како францускиот и германскиот“, кажа Бирн.

На новинарско прашање до кога Владата ќе чека одговор од Бугарија за заедничка резолуција во ЕП ако се знаат позициите на официјална Софија и тамошните резолуциии, министерот за европски прашања Орхан Муртезани одговори дека нашиот процес мора да има крај.

„Јас сум застапник на идејата дека резолуциите или внатрешните политички прилики не треба да се градат против соседите, ние мора да градиме заеднички позиции како соседи, првиот услов, согласно Копенхашките критериуми, е добрососедските односи.

Ова што ние го правиме последниве неколку месеци, сите посети на министрите за европски прашања и министрите за надворешни работи е да апелираме на сите тие наши грижи, не да подготвуваме терен за репреговарање, на тоа што е преговарано“, кажа Муртезани.

Од друга страна, Бирн нагласи и дека членството во Унијата ја трансформирало Ирска на економски и на социјален план и ѝ донело просперитет.Тој денеска се сретна и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која изразила надеж дека Ирска ќе продолжи да се залага за кредибилен процес на пристапување кон ЕУ.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close