Македонскиот јазик во Преговарачката рамка без дообјаснувања, првата меѓувладина по внесувањето на Бугарите во Уставот, предлага Париз

Во предлог-преговарачката рамка на француското претседателство се ЕУ именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти. Предлог на Франција предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција.

Како што наведува „360 степени“, кој имал увид во предлогот, Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во Преамбулата.

– Всушност, станува збор за пакет од неколку документи, од кои два се најсуштествени – предлог-преговарачката рамка и предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за состанокот идната недела. Првиот впечаток е дека станува збор за сет од документи во кои француското претседателство со ЕУ се обидело да направи баланс меѓу главните барања (црвените линии) на двете страни. Се предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција. Советот на истиот состанок ќе донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во неговата преамбула, наведува „З60 степени“.

Пакетот-документи предвидува и дека кон заклучоците од првата меѓувладина конференција, Бугарија и Северна Македонија ќе достават унилатерални изјави за македонскиот јазик, кои ќе бидат приклучени само кон записникот од тој состанок, без да влијаат на содржината на преговарачката рамка.

Во предлог-преговарачката рамка, во сегментот за процедурите на преговарање, пишува дека Северна Македонија ќе усвои акциски план посветен на заштита на правата на малцинствата и заедниците, чие исполнување редовно ќе се следи на меѓувладините конференции.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски на својот Фејсбук профил објави делови од документи на кои се наведува дека се Предлог- заклучоци за состанокот на Комитетот на постојаните претставници на ЕУ, закажан за 20 јуни.

Во извадоците се посочува дека Северна Македонија треба да покаже опипливи резултати во посветеноста на добрососедските односи и поблиската регионална соработка и со добра волја да ги имплементира билатералните договори, вкучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососерски односи со Бугарија од 2017 година, како и билатералните протоколи за негова имплемнтација.

Според пренесените делови од документот, напредокот на земјава во преговорите со ЕУ, меѓу останатото, ќе се оценува и според почитување на Копенхашките критериуми во делот на стабилност на демократските институции, валдеењето на правото, почитувањето на човековите права и заштита на малцинствата.

– Посебно внимание ќе биде посветено на заштитата и недискриминаторскиот однос кон граѓаните припадници на малцинства или заедници. За да се осигура иреверзибилност (неповратливост) на напредокот во однос на овие сфери и нивна целосна и ефикасна импелемтација, напредокот внимателно ќе биде следен од Европската комисија, која за тоа редовно ќе го известува Европскиот совет, се наведува во пренесените делови од докумнетот, во кои се додава дека напредокот во овие сфери ќе се следи во целиот тек на преговарачакиот процес.

Во својата објава на Фејсбук, Милошоски посочува дека во документот „има сериозни влошувања наметнати како дополнителни услови“ за земјава.

– Билатералниот Договор од Преспа, како и Договорот со Бугарија станува составен дел од преговарачката рамка со ЕУ, заедно со записниците на заедничката историска комисија кои ќе треба да се преточат во опипливи резултати. На Македонија и се отвара уште едно малцинско прашање (читај повторно отварање на Уставот) кое ќе биде нов услов, од кој ќе зависи кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција. Процесот на стабилизација и асоцијација кој досега беше засебен, ќе стане составен дел од Преговарачката рамка со ЕУ и преку него ќе се вметнуваат нови барања и услови поврзани со Рамковната декларација на Бугарија од 2019 година, наведува Милошоски во објавата.

Претходно вчера, софискиот весник „Дневник“ објави дека француското претседателство со Европската Унија на земјите членки на ЕУ им понудило „формула за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија, којашто се чини дека ги задоволува условите на Бугарија за давање согласност и повлекување на ветото“.

„Дневник“ наведува дека француската формула предвидува преговарачкиот процес со земјава да започне дури откако ќе се извршат измени во Преамбулата на Уставот, поврзани со „граѓаните кои живеат во државата а кои се дел од други народи, вклучително и Бугарите“. – Само тогаш брзо ќе биде свикана првата меѓувладина конференција, со што ефективно ќе започне преговарачкиот процес за членство. пишува софиски „Дневник“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера од Охрид ја повика опозицијата да не се обидува прашањето околу евроинтеграцијата на земјава да го става во функција на партиските митинзи, коментарајќи ги наводите во врска со Предлог-заклучоците објавени од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Мислам дека опозицијата се обидува да создаде атмосфера пред нивниот протест, за да повлечат некој човек повеќе. Мислам дека досега не се покажаа кредибилни нивните ставови и извори. Тоа што јас можам да кажам е дека е започнат процес на консултации помеѓу земјите членки пред да се усогласи став на сите земји членки по однос на процесот понатаму за да може да стигне кај нас, за да ние ги анализираме тие предлози и дадеме наши забелешки, доколку има такви забелешки. Значи процесот е тој. Прво, француското претседателство дава предлози коишто ги дистрибуира до сите земји членки, Секоја земја членка може да даде забелешки вклучувајќи ја и Република Бугарија. Атмосферата во Република Бугарија, сите сме сведоци каква е. Затоа јас не би влегол во коментарни на различните предлози, бидејќи сметам дека е прво важно да ги слушнеме ставовите на сите земји членки, а отпосле ќе ги кажеме ние нашите ставови, рече Османи на новинарско прашање на завршната прес-конференција по повод Преспа форумот за дијалог во Охрид.

Тој потвди дека се запознаени со сите информации уште пред да излезат, преку редовните канали за комуникации и повтори дека се чека ставот на земјите-членки за потоа ние да ги кажеме нашите забелешки, а секоја наша одлука ќе помине низ Парламентот.

– Меѓутоа тоа се предлози коишто сега се пуштени до земјите членки. Сметам дека наша позиција треба да биде да чекаме што ќе кажат земјите, ние после ќе ги кажеме нашите забелешки дали е нешто прифатливо или не е нешто прифатливо. А сум кажал неколкупати доколку се решиме за некој одговор и одлука се разбира ќе бидат консултирани и пратениците и опозицијата, додаде Османи.

Back to top button
Close