Македонскиот државјанин кој ја уби сопругата во Италија, не успеал да се самоубие

Бегството на 50-годишниот Назиф Муслија, маж со македонско потекло обвинет за бруталното убиство на неговата сопруга Саџиде Муслија во Пјанело Валесино ди Монте Роберто, траеше нешто повеќе од триесет часа. Трагедијата, која ја потресе италијанската јавност, се случи на 3 декември, а осомничениот беше уапсен вчера попладне во тешка состојба.

Муслија, кој веднаш по убиството избегал со бел „смарт“, беше пронајден во шумски предел кај селцето Бракано ди Мателика, во провинцијата Мачерата. Лежел на земја, со тешки повреди, а според првичните информации се обидел да си го одземе животот. Ловџија кој минувал низ областа го забележал и ја алармирал полицијата.

Во куќата каде што живеела жртвата – пронајдена мртва на креветот со силни удари во главата и градниот кош – истражителите повторно се вратија во потрага по микроскопски траги и оружјето со кое било извршено убиството. Карабињерите запленија железна цевка со траги од крв, која ќе биде предмет на дополнителни форензички анализи.

Македонскиот државјанин се товари за убиство со умисла – кривично дело кое, според новиот италијански закон, се квалификува како фемицид.

Италијанскиот парламент на 26 ноември го прогласи фемицидот за посебно кривично дело, казниво со доживотна затворска казна. Законот беше усвоен на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жени, а Италија стана една од ретките земји што го признава ова злосторство како засебна категорија. Во рамките на Европската Унија, ваков закон постои само во Хрватска, Кипар и Малта.

Паралелно со истрагата, се отвори и сериозна дебата околу третманот што Муслија требало да го помине во едногодишниот Центар за машки сторители на насилство. Тој имал обврска да посетува состаноци на секои две недели – вкупно 60 часа – како дел од спогодбата со судот за претходните напади врз сопругата. Меѓутоа, неговиот адвокат Антонио Гаљарди тврди дека „немало слободни места“ во институцијата задолжена да го води процесот.

Главната државна обвинителка во Анкона, Моника Гарули, остро ја критикува институционалната реакција, оценијајќи дека случајот „остава горчлив вкус“:

„Не можат сите случаи на насилство да се третираат на ист начин. Овој случај бараше брза постапка, но тоа не се случи“, изјави таа.

Дополнителни критики упати и Центарот против насилство во Анкона, кој преку претседателката Роберта Монтеново побара воведување прецизни механизми за проценка на ризик:

„Мора да се процени опасноста од ескалација на насилство. Чекањето на ‘патека за рехабилитација’ не смее да биде изговор за неделување. Потребни се конкретни мерки за заштита.“

Трагедијата го отвора прашањето за пропустите на системот, за доцните институционални реакции и за тоа дали фемицидот може да се спречи со навремено препознавање на опасноста.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close