Македонскиот и малите јазици во ЕУ

Доколку во летните денови го посетите подножјето на луксембуршките Ардени, во Клерво или во некое друго од тамошните питорескни гратчиња, не е воопшто тешко да заклучите дека се наоѓате во еден од најбогатите европски региони, всушност во најразвиениот дел на ЕУ. Со речиси двојно поголем БДП по глава на жител од Германија, Холандија или Шведска.

Правење споредби со најсиромашнирте региони во ЕУ, кои, според статистиката на Евростат, се наоѓаат во северозападните делови на Бугарија, како и во некои други делови на источноевропските земји, се чини се излишни. Разликите и економското заостанување се евидентни. Западнобалканските кандидатки за членство, вклучувајќи ја секако и Македонија, кои со години трпаат на портите на ЕУ, се на уште пониско ниво. Доближувањето до некаков европски просек засега е временски немерливо, но за такво нешто сигурно ќе бидат потребни децении.

Но во некои области сепак постојат извесни прашања што отвораат интересни претпоставки за извесни споредби, се разбира гледано од аспект на една поширока рамка. Такво е и прашањето на јазичната политика во некои ЕУ-членки, и нејзината имплементација во официјалните институции на ЕУ.

Луксембург е земја со нешто повеќе од 600.000 жители, во која се во употреба три јазици – луксембуршки, француски и германски. Луксембуршкиот е прв, државен јазик, подигнат во 1984 година на ниво на официјален јазик, но и покрај таквиот статус во Луксембург сепак не е и официјален ЕУ-јазик. Историски гледано луксембуршкиот јазик се смета за германски дијалект со голем број француски заемки. Лингвистите објаснуваат дека не постои јасна граница меѓу луксембуршкиот и сродните горногермански наречја во околината, бидејќи сите тие образуваат дијалектен континуум и разликите се постепени. Но луксембуршкиот јазик во добар дел е сепак неразбирлив за говорниците на германскиот, францускиот и другите романски јазици.

Законот за употреба на државниот луксембуршки јазик е напишан на француски затоа што францускиот се применува како официјален јазик во сферата на законодавството во Луксембург. Но луксембуршкиот е јазик во секојдневниот живот. Уличните табли и натписи вообичаено се напишани на луксембуршки. Образованието во основните училишта се одвива на луксембуршки, а изучувањето на францускиот започнува во второ одделение. Од деветото одделение ученикот може да избере дали сака да го продолжи образованието исклучиво на луксембуршки или на француски.

Но јазичната политика во Лускембург создава и проблеми во секојдневието, што неретко се проследени и со иритираност и негодувања. Имигрантите кои поднесуваат молба за добивање луксембуршко државјанство се принудени добро да се помачат за да ги совладаат основите на луксембуршкиот јазик, бидејќи без тоа нема ни државјанство. Познавање на условите во кои функционира општеството, како и некои историски и културни специфики се исто така предуслов за добивање државајнство. Да се положат тие тестови, без да се загрее столчето и да се учи, не е ни најмалку лесна задача.

Но тоа е внатре во државата, која го цени своето и прави напори да го фаворизира и унапредува. Надвор праксата е поинаква. Луксембуржанецот Жан-Клод Јункер, поранешен претседател на Европската комисија, кој во јавниот живот во Луксембург зборува пред сé на луксембуршки, во Брисел се обраќаше на француски, или на германски, па и на англиски. На луксембуршкиот јазик не му е овозможен официјален статус на ЕУ-јазик, и покрај тоа што Луксембург е седиште на ЕУ Судот, на Евростат и низа други важни институции на ЕУ. Постојат сигурно и оспорувања и негирања поради тоа, но луксембуршкиот државен јазик функционира на таков начин.

Бугарските оспорувања на посебноста и развојот на македонскиот јазик се секако ирационални и неприфатливи. И се разбира дека нема никаква смисла да се преговара околу тоа. Нема потреба да се докажува дека македонскиот јазик функционира како посебен државен јазик речиси осум децении. И во рамките на ЕУ тој факт тешко би можел да биде оспорен.

Но сосема е јасно дека постојаното наоѓање  причини за одложување на почетокот на преговорите за ЕУ-членство не ветуваат ништо добро за Македонија. Не може а да не звучи охрабрувачки изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која во Брисел по првата меѓувалдина конференција нагласи дека со отворањето на пристапните преговори на Македонија и на Албанија „придобивките ќе се зголемувазат напоредно со напредувањето во преговорите“. Ќе се подобрат трговските врски со ЕУ. Во важни подрачја Македонија ќе се доближи до поблиска соработка, како на пример во областа на енергијата и транспортот. Тоа ќе значи и нови работни места и нови деловни можности. „Ќе го максимирате користењето и ефектот од ЕУ-средствата“, потенцираше Дер Лејен. Токму тоа нуди оптимистички изгледи пред иднината. Изгледи за побрз исчекор од економската заостанатост и намалување на споменатите изразено големи разлики во развојот.

Факт е секако и уценувачката унилатерална изјава на Бугарија за македонскиот јазик. Но факт е и дека Македонците мора да продолжат да гледаат напред кон ЕУ. А за сопствениот јазик и неговата употреба како државен јазик треба пред сé да се погрижат самите Македонци. И тоа со посериозен пристап во описменувањето и правилната јазична употреба, а за што пример најнапред ќе даваат луѓето на врвот, министрите, професорите и академиците, посебно оние меѓу нив кои, на пример, наместо „он“ и „они“ во изразувањето пред јавноста правилно ќе ги изговараат личните заменик „тој“ и „тие“. Тоа би била една важна промена, колку за почеток.

А што се однесува до ЕУ-членката Луксембург, би можеле и понатаму да продолжиме да ја набљудуваме, но засега само како извесен идеал. Јавниот превоз во Луксембург, автобусите, метрото и трамваите се бесплатни, за сите без исклучок. Ако случајно се најдете во редот за влез во автобус зад Жан-Клод Јункер, кој веројатно од морални побуди понекогаш влегува во автобус или трамвај, и вие на истиот (бесплатен) начин ќе се почувствувате добредојдени да ги користите услугите на јавниот превоз во луксембуршката метропола.

Некој во Скопје ги замајуваше граѓаните заговарајќи ист таков пројект со бесплатни автобуси. Но тоа што треба да се заговара, без никакво одлагање, е изградба на стабилен државен систем. Македонските политичари, и партии, конечно треба да почнат со заеднички сили да ги редат циглите во темелите на македонската стабилност.

Ивица Челиковиќ

 

Back to top button
Close