Македонскиот краток филм „Мала шега“ освои пет награди и се прикажуваше на 18 фестивали во земјава и странство

Краткометражниот филм „Мала шега“ во режија на Трифун Ситниковски, досега се прикажуваше на 18 фестивали во Македонија и низ светот, меѓу кои во Данска, САД, Италија, Финска, Кореја, Нигерија, Бразил и Узбекистан. Филмот ја имаше својата светска премиера на престижниот „Оденсе интернационален филсмки фестивал“, каде билетите за првата проекција беа распродадени, а фестивалот го посетија над 250 гости од целиот свет, соопшти екипата на „Мала шега“.

Филмот освои пет домашни и меѓународни награди: Награда од публиката и Специјално признание за актерката Јана Никодиновска на „Sирни Фестивал“ во Скопје, Награда за Најдобар филм на „Филмски Фронт“ во Нови Сад, Златна награда и Најдобра актерка (Јана Никодиновска) на „Уника Кореја“ во Кореја.

Покрај Оденсе, „Мала шега“ беше селектиран на реномирани фестивали како: Hobnobben Film Festival (САД), Bardi Film Festival (Италија), MANAKI BROTHERS (Битола), Pori Film Festival (Финска), Pearl of the Silk Road (Узбекистан), Mladinski Filmski Festival Spoznavanje (Битола), Zuma Film Festival (Нигерија), Janjira International Film Festival (Индија), Winter Apricots (Прилеп), Fescilmar (Полска и Венецуела), Red Line International Film Festival (Италија), Pupila Film Festival (Бразил), и Mediterranean Film Festival (Хрватска).

Филмот ја раскажува приказната за тинејџерска љубов инспирирана од истоимениот расказ на Антон Павлович Чехов, сместена во македонски контекст. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски. Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска.

„Мала шега“ е во продукција на ДНФ Филмс и копродуциран од Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска, во соработка со Вардар Филм, а со поддршка на Агенција за филм и Хрватскиот Аудиовизуелен Центар.

Back to top button
Close