Македонскиот пејач кој ја придружуваше Цеца: Не приметив што држи во рацете, сакав да ја смирам ситуацијата

 

Македонскиот пејач Мики Секуловски, поранешен натпреварувач во шоуто „Ѕвездите на Гранд“, кој настапи на сцената заедно со Цеца Ражнатовиќ на нејзиниот концерт во Велес, се огласи по инцидентот со бугарското знаме што ја вознемири јавноста.

Во видео-обраќање на социјалните мрежи, Секуловски ја објасни ситуацијата од своја перспектива, истакнувајќи дека во прв момент не сфатил дека Цеца држи бугарско знаме, мислејќи дека станува збор за постер или транспарент.

Во првиот момент не забележав дека е знаме, мислев дека држи нешто со нејзина фотографија или натпис. Дури кога публиката почна да реагира и да свирка, сфатив дека станува збор за бугарско знаме. Веднаш реагирав, се приближив, го земав знамето и го тргнав,“ рече Секуловски.

Тој додаде дека Цеца изгледала збунето и не сфаќала што точно се случува, а реакцијата на публиката веќе била бурна.

 

„Штетата, за жал, беше направена. Можеби требаше побрзо да реагирам, но навистина не приметив што држи во рацете,“ изјави пејачот, додавајќи дека целта му била да ја смири ситуацијата, а не да создава дополнителна тензија.

„Жал ми е што се случи ова – никој не очекуваше дека на концерт во мојот град, во Македонија, ќе се појави бугарско знаме. Публиката имаше право да биде револтирана,“ изјави Секуловски, додавајќи дека по настапот разговарал со Цеца.

„Ми рече дека не била свесна за чувствителноста на односите меѓу Македонија и Бугарија. Навистина ѝ е жал. Концертот требаше да биде прекрасен, и беше – сè додека не се случи ова. Се надевам дека ќе се запомни по музиката, не по инцидентот,“ заврши Секуловски.

По реакциите, Цеца Ражнатовиќ за медиумите изјави дека немала намера да предизвика провокација:

„Не е ништо необично што секогаш со радост го прифаќам секое знаме од мојата публика, затоа што тоа е мој народ, мои луѓе. Нас не поврзува љубовта кон песната, без разлика од каде кој доаѓа. Жал ми е ако тој гест повредил некого – тоа навистина не ми беше намерата, особено не да ги навредам домаќините,“ изјави пејачката.

Таа додаде дека реакциите се случиле во салата, а не на социјалните мрежи, и дека нивниот однос со публиката останал непроменет:

„Нема да се занимаваме со коментари на интернет. Сите што бевме таму, знаеме што навистина се случи. Ништо и никој не може да застане помеѓу мене и мојата публика.“

 

 

Back to top button
Close