Македонските фудбалери подготвени за дуелот со Словенија

Македонската фудбалска репрезентација попладнево во Скопје го одржа последниот тренинг пред утрешниот дуел против Словенија, што за избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе биде прв од двата подготвителни натпревари пред заминувањето во базата во Букурешт за настап на претстојното ЕУРО2020.

Со приклучувањето на капитенот Горан Пандев македонскиот состав полека се комплетира во очекување денеска во Скопје да пристигне и голманот Столе Димитриевски.

Енис Барди е во изолација поради позитивен тест на коронавирус, но селекторот Ангеловски посочи денеска дека играчот за врска на Леванте е без симптоми и наскоро и тој и ќе им се приклучи на репрезентативните колеги.

Утрешниот меч против Словенија, прв по пауза од 18 месеци што ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје пред публика, започнува во 18 часот.

Стадионот со капацитет од 33.460 седишта ќе може да биде исполнет до максимум 30 отсто поради рестриктивните мерки поврзани со коронавирусот, а билетите што ФФМ ги пушти викендов во продажба се по цена од 300 денари за Јужната и 200 денари за Источната трибина.

Back to top button
Close