Македонските и бугарските историчари повторно не се договорија ништо, атмосферата била најдобра за време на ручекот
Предлог-препораки за македонските учебници за седмо одделение, како и за евентуални заеднички чествувања биле тема на разговор на 36. средба на заедничката комисија на бугарски и македонски историчари, што се одржа вчера и денеска во Скопје. Како и на последните веројатно десетина состаноци, и на овој не било решено ништо конкретно.
– Во врска со предлог-препораките повторно до израз дојдоа различните погледи и сфаќања. Што се однесува до евентуалните заеднички чествувања, се разговараше принципиелно, а не по конкретни предлози, соопшти македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Дека од средбата нема да има никаков конкретен исход уште вчера навести шефот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, кој рече дека атмосферата била „најдобра за време на ручекот“.
Без оглед на различните пристапи и мислења, македонскиот тим од Комисијата, како што нагласуваат оттаму, настојува на проактивен курс, притоа залагајќи се за изнаоѓање конструктивни и одржливи решенија, базирани на позитивните европски практики, со заемно почитување на правото на различна перцепција кон минатото.
На средбата бил потпишан Записникот од 29. средба од февруари 2024 година и била утврдена динамика за работа во второто полугодие.
Новиот состав на македонскиот тим од заедничката комисија беше избран од Владата на 10 септември лани. Претседател на македонскиот тим во заедничката комисија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски. Претседателот Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но, ја напушти во 2021 година. Одлуката да се повлече од Комисијата, како што изјави тогаш, е бидејќи се соочил со политички притисоци во нејзината работа.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.
Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто оделение во Македонија и за петти клас во Бугарија.