Македонските и европските радикални идеалисти
Денко Малески
Реализмот поаѓа од анархичната структура на меѓународното општество на држави во која нема централна власт која би била арбитер во конфликтите.

Во таквото меѓународно милје, самата структура на меѓународното општество произведува натпревар за моќ, единствената вистинска гаранција за безбедноста на државата. Трагедијата на политиката на големите сили, во тој анархичен свет, е дека ваквиот натпревар за моќ и безбедност често завршува со војни. Државите се раководени од своите интереси и, како кај поединците, безбедноста и благосостојбата се на врвот на листата на нивните приоритети. Но, она што е безбедност за едната, другата држава може да го смета за закана, па одбрамбените подготовки на едната,да се сметаат за подготовки за напад врз другата. Тоа, накратко е „безбедносната дилема“во еден свет во кој нема централна власт која бии помогнала на државата во неволја, па сите се на штрек.
Ширењето на НАТО во Источна Европа до границите на Русија изминативе триесет години, од наша страна, беше перципирано како ширење на демократијата, а бидејќи, според идеите на Кант, „демократиите не војуваат меѓу себе“,значеше и ширење на зоната на мирот во Европа и во светот. Но, руската држава на тоа никогаш не гледала така. За нив, НАТО е воен сојуз преку кој Америка, ривалската голема сила, сака да ја опколи и да инсталира својата воена моќ на нејзините граници. Повикувајќи се на безбедносните грижи за тоа кои се вистинските намери на западниот воен сојуз, Русија ја отфрла помислата Украина да стане членка на НАТО. Западот, пак, повикувајќи се на индивидуалните и колективните права на народите самите да определат на кој сојуз ќе им припаѓаат, ја оспорува легитимноста на руската грижа за својата безбедност. Зашто, од аспект на меѓународното право, Америка, Европа и НАТО се во право. И да го занемариме фактот дека тие меѓународни правила се пишувани од Западот, тоа право не ги зема предвид реалностите на меѓународната политика формулирани уште од времето кога Тукидид (400-460 п.н.е.) кој ја создал азбуката на меѓународната политика. Значи, западната мисла му ја протиставува на реализмот својата идеологија за борба на демократиите со автократиите, а така гледано ние сме силата на доброто а Русија е силата на злото.Така гледано, ние сме секогаш во право , Русија нема легитимно парво на гриже за својата безбедност, а ние можеме и натаму да го повторуваме слоганот за „Путиновата, со ништо неиспровоцирана војна“.
Еден радикален идеализам ја има зафатено ЕУ. Болката од која страда македонската надворешна политика сега ја гледаме во Западна Европа. Нашата официјална политика, еве веќе 35 години одбива да прифати дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки и дека интересите и моќта, а не правото и принципите, доминираат со односите меѓу државите. Казната за нас е што сме надвор од ЕУ во нејзините „златни години“, време во кое благосостојбата на нашите народи ќе беше значително унапредена. Водени од радикални идеалисти и денес, во обид да ги „засрамиме“ политичарите од ЕУ, ги удираме по глава со правото и со демократските принципи, не разбирајќи дека тоа нема никаква врска со реалноста дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки и дека „францускиот предлог“ е максимумот што можат да го сторат за нас. Но, еве уште еден парадокс. На идентичен начин, политичарите радикални идеалисти од Европа се повикуваат на неповредливоста на границите и правото на Украина да стане членка на НАТО, не разбирајќи ја суровата реалност на теренот. Реалноста дека големата сила има легитимно право да се грижи за својата безбедност, а нејзините грижи мора да станат дел од дипломатскиот напор на САД и ЕУ во барање на решение преку акомодација. Зашто, да било се по правото, и баба ми би можела да води држава, би рекле децата од „наше маало“. Значи, држајќи се фанатично до правото и принципите можеме да завршиме војни и деструкција, наместо, преку дипломатија и прилагодување, да произведеме мир и соработка.
Дали со таквата политика ја жртвуваме слободата и демократијата? Напротив, во случајот со актуелната прокси-војна на Западот и Русија во Украина, ја браниме од опасноста сите да не нема во една термо-нуклеарна светска војна.






