Македонските одбојкари поразени од Бугарија на Јуниорската балканијада

Македонката одбојкарска репрезентација го претрпе првиот пораз на Балканското јуниорско првенство во Приштина, откако попладнево во рамки на второто коло загуби од фаворитот за титулата Бугарија со 0:3 (19:25, 11:25, 16:25).

Откако вчера го совладаа домаќинот Косово, македонските репрезентативци немаа сили за посилен отпор против Бугарија, која целосно доминираше во натпреварат, препуштајќи им на „црвено-жолтите“ само 46 поени.

Денешниот пораз значи дека избраниците на селекторот Ванче Санев значително ги намалија шансите за злато, но сè уште се во игра за медал на турнирот.

Бугарија и Турција се водечки репрезентации на табелата со по две победи, македонската и црногорската репрезентација имаат половичен биланс 1:1, а Албанија и Косово се без триумф.

Утрешната пресметка со Црна Гора ќе биде решавачка за тоа дали македонските одбојкари ќе се најдат на пиедесталот на младинскиот шампионат, чиј домаќин е Приштина.

Back to top button
Close