Македонските одбојкари вечерва против Данска во Евролигата

– Македонската одбојкарска репрезентација вечерва против Данска го игра решавачкиот натпревар во групната фаза од Европската сребрена лига, во кој „црвено – жолтите“ со триумф во салата „Парк“ во Струмица ќе го освојат првото пред завршниот турнир на почетокот на јуни.

По стартната победа со максимални 3:0 во сетови над Кипар во петокот, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ вчеравечер потешко од очекувањата триумфираа над Израел со 3:1.

Израел одигра добар натпревар и го доби првиот сет, заканувајќи се дека може целосно да го компензира поразот од Данците во првото коло од групата „А“.

Сепак, македонските одбојкари повторно најдоа начин да го кренат нивото на игра и на крајот ја забележаа втората победа. Капитенот Никола Ѓорѓиев стандардно беше најефикасен со 23 поени, центарот Ристо Николов одигра феноменален натпревар со 16 од коишто пет блока против исклучително расположените средни блокери на Израел.

– Ова беше тежок натпревар, заморени сме затоа што се подготвуваме за предизвиците во елиминациската фаза, но дадовме максимум. Ни беше важно да победиме и се надеваме дека формата ќе ни се подобрува со секој настап, истакна по натпреварот македонскиот репрезентативец Владо Милев.

Данска пред почетокот на турнирот важеше за најголем ривал на Македонците за првото место, а тоа го потврди со две победи во првите две кола.

Back to top button
Close