Македонските приказни и времето на бугарската окупација

По долго време, неодамна повторно го гледав филмот на Виторио де Сика, „Градините на Финци Контини“ (1970) по истоимениот роман на Ѓорѓо Басани, но и филмот на Франсоа Трифо „Последното метро“  (1980). И двата филма се однесуваат на Втората светска војна, на прогонувањето на Евреите и восхитуваат со суптилната приказна, толку богата со животно искуство, со човечки  драми и трауми. Секако, има огромна историска и документарна граѓа за тој период. И, сепак, уметноста умее на неповторлив начин да го повика пред нас животот, поставувајќи не‘ во јадрото на времето.

Тогаш од читачи, од гледачи стануваме небаре очевидци. И не само што го разбираме, туку и го чувствуваме историскиот контекст, затоа што се прашуваме како би се однесувале ние во таа ситуација. Особено сочувството со тие што доживеале големо страдање не е возможно без да се поставиме, барем во замислата, во  состојбата на жртвите. Сојузничките војски на крајот на Втората светска војна ги присилиле германските граѓани да одат во концентрационите логори, за да го доживеат одблизу страдањето на Евреите. Уште насекаде имало купишта од  мртви дела. Логорите често се наоѓале пред градските порти, како, на пример, логорот Бухенвалд. Тој е многу близу до градот Вајмар. Неговите граѓани мора да го мирисале во чадот изгореното човечко тело.

 

Се прашувам зошто во македонската литература нема повеќе книги и филмови, во кои приказната се случува за време на Втората светска војна, за време на бугарската окупација. Секако, војната беше многу присутна во Југославија како партизански филмови. Тие во многу нешта ја имаа филмската структура на вестернот, со црно-бела шема на „добрите” и „злите”. Кога беа посуптилни, тие приказни беа поетска симболика, како романот на Оскар Давичо „Песна”. Ги знаевме хероите, но можевме малку да  доживееме во литературна форма за нивниот живот, за нивната приватна приказна. Кога мислам на Холокаустот и на македонските Евреи, ми долетуваат во умот само стиховите на Аврам Садикарио  од збирката „Датуми на пеколот“. Но зошто уште нема филм во кој би се раскажала приказната на некоја од  македонските еврејски фамилии кои го завршија животот во логорот во Треблинка? Затоа што токму литературата ни го приближува на непосреден начин  животот на обичните луѓе во периодите на војните.

Ми станува јасно колку сите литературни и филмски дела за Втората светска војна во Југославија неа херојски епови. Од сите приказни за партизанската борба кои ги гледав во детството и младоста во Југославија, кога денес сќе се обидам да се сетам на филм или роман за Втората светска војна на Балканот, ми остана само споменот на „Окупација во 26 слики” на Лордан Зафрановиќ. Иако, кога го гледав  првпат филмот, бев многу критична, затоа што тогаш ми се чинеше дека во него се премногу присутни естетските парадигми од филмовите на Лукино Висконти и Федерико Фелини. Ќе треба деновиве да го погледам повторно, со временската дистанца од четири децении.

Деновиве ја читав студијата на германскиот историчар Бјорн Опфер, „Во сенката на војната. Окупација или анексија – ослободување или поробување? Компаративно истражување на бугарското владеење во Вардарска Македонија од 1915-1918 и 1941-1944″. (Bjorn Opfer, „Im Schatten des Krieges. Besatzung oder Anschluss – Befreiung oder Unterdrückung? Eine komparative Untersuchung der bulgarischen Herrschaft in Vardar-Makedonien 1915-1918 und 1941-1944″, LIT Verlag, Münster, 2005).  Книгата,  која е објавена 2005-тата, всушност, е неговата докторската теза што ја одбранил на универзитетот во Лајпциг 2004-та пред тројца врвни германски познавачи на балканската историја – Штефан Требст, Холм Зундхаузен и Волфганг Хепкен. Читачот на студијата добива впечаток дека со бугарската окупација, која дури и денешните Бугари  ја претстават како „ослободување“, во Македонија настанала крајно драматична состојба. Во Западна Македонија била стационирана италијанската војска. Бугарските власти на сето население им го одзеле државјанството, протерувајќи ги Србите и Грците; Евреите и Ромите ги депортирале во Треблинка, а на Македонците им доделиле бугарско државјанство. А не била полесна ниту состојбата  во Првата светска војна, по чиј крај 1918-тата Кралството Србија во Вардарска Македонија вовела „вонредна состојба“.

Дали ние Македонците сме вакви, разединети, подготвени и во најближниот да гледаме непријател и предавник токму заради тоа што се случувало во многубројните војни и промени на владетели во биографиите на нашите предци? Нели целата нашата историја раскажува за србомани, бугарофили и гркомани? Кога дошла бугарската окупација, сигурно „настрадале“ србоманите. Откако имињата  на Македонците во Вардарска Македонија претходно српските власти им ги беа србизирале, бугарските власти  повторно ги бугаризирале. Ништо подобра не била ниту состојбата на Македонците во Егејска Македонија, каде што живееле моите родители и роднини. Во сите делови по Првата светска војна Македонците биле изложени на агресивна асимилаторска политика.

Како преживувале нашите предци во овие времиња на историски катаклизми? Како наоѓале  секој ден  надеж за иднината, знаејќи дека  одеднаш меѓу нив и нивните роднини во другите делови на Македонија била поставена граница? Прабаба ми ја раскажуваше својата биографија редејќи ги војните што ги беше доживеала. Бележитите датуми беа раѓањата на децата и почетокот или крајот на  многуте војни. Времето на почетокот на Втората светска војна таа го нарекуваше времето на „јагмата“. Што значи, никој не знаел кој ја поседува командата. Секакви војски минувале низ селото, а тие, роднините, се молеле  војниците да се задоволат само со конфискацијата на прасето, јагнињата или кокошките.

Стрелањата биле најобична работа, некогаш  и нез причина, велеше прабаба ми. Вакви приказни си замислував зад настаните кои Бјорн Опфер ги опишува во својот докторски труд за бугарското владеење во Вардарска Македонија. Несомнено, стравот од военото лудило  и стравот за голиот живот се врежани во нашето македонско епигенетско  наследство. Колкави трауми мора да оставиле овие постојани промени на „господарите“ кај Македонците, кои уште го одредуваат македонскиот менталитет? Ние не размислуваме за траумата и не ја надминуваме затоа што не се соочуваме со минатото на критички начин. За да го сториме тоа треба да  не го доживуваме минатото само како митолошка слика, како херојски еп. Како клише и стереотип, туку да го согледаме критички  уделот во него на нашите предци. Таквото самосоочување е секогаш болно и долготрајно, но тоа е единствениот  начин да се стекне критичка свест за историјата.

Критичкото соочување со минатото ќе ни ги открие искушенијата на некои Македонци во минатото. Од животните приказни на  некои од  нив сознаваме дека не може да се остварат целите по секоја цена, дури и преку „пакт со злото“. Имено, Бјорн Опфер  наведува дека уште  при пристигнувањето на германската војска во Македонија, во Скопје се собрале симпатизери и борци од ВМРО кои барале  „слободна и самостојна Македонија” под покровителство на Германија. „Тие со тоа му  понудија на водството на Рајхот алтернатива во однос на приклучувањето на  регионот кон Бугарија, така што  не без причина  кабинетот на Филов веднаш се потрудил посилно  да ги организира и поддржува  пробугарските кругови во „Бугарскиот акционен комитет”, истакнува Опфер,  Секако, македонскиот синдром на  расцеп во однос на стратешките цели бил присутен и тогаш. Дури и во „Бугарскиот акционен комитет“, составен од угледни Македонци, имало од почетокот две фракции: едната пробугарска и провладина, а другата прогерманска, блиска на Иван Михајлов, кој барал помош од Адолф Хитлер за независна македонска држава. Македонците може да и‘ благодарат на историската „судбина“ што декретот на Адолф Хитлер за  прогласување независна македонска држава, како вазал на Третиот рајх, по урнекот на НДХ, стигнал предоцна, откако германските трупи се повлекувале од Грција и од Македонија. Македонците, заедно со југословенските комунисти, конечно ја избраа во борбата за слободна и независна македонска држава вистинската страна, онаа во борбата против фашизмот и национал-социјализмот.

Кица Колбе

Извор: дв

Back to top button
Close