„Македонското прашање“
Повеќе пати се обидувам да аргументирам колку е непотребно и дека со негативни конотации е употребата на терминот т.н. македонско прашање. Па кога тоа и понатаму не излегува и од устата и од текстовите на нашите најеминентни научници и најекспонирани политичари, кои сакале или не влијаат на оформување на општествената клима, на развојот и стабилноста на нашата држава, еве да го образложам моето спротивставување од неговата употреба.
Отворајќи ја оваа тема за користење на термин, кој не треба да биде присутен во нашата јавност заради аргументи кои, секако, на сите оние кои ја користат оваа флоскула им се добро познати, свесен сум дека тоа може да покрене лавина дискусии „за“ и „против“, но дека е подобро да проговориме за теми кои во нашата општествена реалност, создаваат слика за недооформени чувства за национална и за државна самобитност.
Да појдам само од приемот на таквото користење од наша стана на терминот „македонско прашање“ во средините на меѓународни фактори, кои влијаат врз развојот на најзначајните регионални и светски процеси. Тие преку своите амбасади во Скопје ги примат информациите за реалната состојба и општата атмосфера кај нас, па и за јавното користење на овој термин, термин што поставува прашање, за кое се бара одговор. За нив таквиот приод кон нешто што е во основите на оваа држава и народ, поставен во прашална форма во нашата јавност, имплицира несигурност за сегашноста и иднината и состојби на отворени солуции за иднината. Чија цел е тоа?
Така и на последната Меѓународна научна конференција по повод 80-годишнината од АСНОМ, со поднаслов „Израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“, скоро да немаше говорник кој не го употребуваше овој несоодветен термин, иако и од таа говорница се обидов да ја нагласам штетноста од употреба на тоа „прашање“. Сакам да верувам дека тука нема некоја смислена тенденција за користење на овој штетен осврт од нивна страна! Дури и да е во прашање инерцијата за попатно користење на оваа флоскула, бидејќи во нивните јавни настапи се осврнуваат на друга тема, а го употребуваат, редно е да ја нагласиме штетноста во користењето ова „прашање“ во нашата научна и општествена пракса!
Кога го употребуваме терминот „прашање“, не може да не бидеме свесни, барем семантички, дека се работи за нешто отворено и дубиозно. Воедно дека сакаме некому за кого тоа „прашање“ се однесува, да му создадеме чувство дека тоа прашање треба да го реши, бидејќи не е решено, не е втемелено на аргументи, за него треба да се најде решение. Мора да бидеме свесни дека со актуелното користење на тоа „прашање“ им се создава простор и на надворешни субјекти за наметнување на нивни ставови, а заради нивните интереси да бараат и решавање на тоа „македонско прашање“.
Можеби и било логично, во 19-иот и почетокот на 20-иот век, што се користел терминот „македонско прашање“ кај меѓународно етаблираните субјекти и држави, пред сѐ оние на Балканот или оние кои најмногу влијаеле на развојот на настаните околу последната територија која сеуште била под отоманска власт. Постоеле одлуките на Берлинскиот конгрес од 1878 година, во Македонија биле евидентирани серија побуни и востанија, афери, се жртвувале луѓе борејќи се за нивните идеали, а масовно гинело и невино мирно население, биле девастирани нивните материјалните добра, културни и религиозни објекти. Сите барале(?) решение на „македонското прашање“, секако, тргнувајќи од нивниот светоглед и интереси, лични и колективни, државни, па и експанзионистички.
Но, тогаш дефинитивно се создавала перцепција дека некој друг требало да го реши тоа „македонско прашање“, бидејќи самиот народ кој во тие околности живеел на таа територија, не создал услови за резолутно експонирање на национално единство со цел создавање на сопствена држава. Токму тогаш меѓу надворешните фактори треба да се лоцираат авторите за создавањето на терминот „македонско прашање“. Побудата, мотивот за користењето на „прашањето“ бил заради интересот за завладување на оваа клучна територија на Евроазиската трансферзала, независно од потребите и чувствата на населението, на македонскиот народ. Се барало и, за жал, се нашла формула за негово разрешување според тогашните услови кои владееле на воено и на дипломатско рамниште. Значи се работело за решение чија ќе биде оваа територија, а „прашањето“ за разрешување било стриктно ТЕРИТОРИЈАЛНО. Се работело за интереси за завладување на една територија, која според нив се соочувала со дискутабилна и несигурна иднина!
А зошто ние денес сеуште така лежерно да го користиме овој термин? После битките на бунтовниците, востаниците, партизаните, после нивното евидентно експонирање и после зацврстувањето на националното чувство, неопходно и за реализирање на целта – создавање на сопствена држава.
Но да ја видиме и другата страна, можната свесна употреба на терминот „македонско прашање“. Ако погоре тврдам дека пред повеќе од век и половина тоа „прашање“ пред сѐ е наметнато од немакедонски, од надворешни сили, аспиранти за оваа територија на Балканот, односно дека е погрешно и штетно и денес да се употребува од истакнати македонски субјекти, да видиме дали денес намерното користење на терминот „македонското прашање“ има и друга конотација.
Ако се сака да се истакне дека со поврзаност на зборот „македонско“ со зборот „прашање“ не е решено македонското националното прашање, тогаш актуелно се отвора и затворената со АСНОМ „пандорина кутија“ и се бара редефинирање на повоениот 80 годишен развој и се доведуваат во прашање создадените услови за опстанок и развој на македонскиот народ, во инклузивност со потребите и на делови од други народи кои својата судбина и развој ја врзале во тој народ во државава Северна Македонија! Дали со таквиот третман на „прашањето“ се мисли дека не е завршена фазата на етаблирање на македонското национално чувство, па треба да се бараат сили и патишта за негово додефинирање? Дали со таквото „климаво“ третирање треба да се доведе под прашање и постоењето на македонската држава? Зошто ние одвнатре денес да даваме „докази“ за заживување на туѓите аспирации од пред век и половина за завладување на Македонија, кои се историски надживеани! Пак прашувам: – Чија е тоа цел?
И повторно: ако во етерот, на меѓународната сцена, оддома лансираме тези за наши дубиози околу нас самите, односот кон нас на меѓународната задница (било како, кој сака нека ја дефинира), кон реалностите во нашата држава, ќе ја има задршката за сигурен, партнерски и ефикасен приод! Следејќи ги своите интереси меѓународниот приватен или државен субјект во своите односи со субјекти од Северна Македонија на прво место ја поставува сигурноста во пласманот на неговите интереси, идеи и инвестиции, рационален е – не е спремен неговата енергија залудно да ја троши!
Затоа, ако имаме намера цврсто да градиме иднина заснована на развој со ефикасно искористување на нашите материјални и човечки ресурси, со отворање на перспективи за продуктивна вклученост на најинвентивните, за покачување на животниот стандард, за владеење на правото и правдината, покрај одржливите политики, треба да бидеме внимателни и одговорни со користење на несоодветни термини. Со таквиот однос, нема да има место за одливот на кадрите во странство, за депопулација, за коруптивни и асоцијални трендови, за меѓуетнички тензии и за создавање на несигурност за иднината на македонската нација и држава.
Самите ние да го запреме користењето на терминот „македонско прашање“ во било која форма и под било кој контекст. Да не си ја сечеме гранката на која сме се зацврстиле!
Виктор Габер