„Макпетрол“: Се надевавме дека „Окта“ повеќе ќе ги намали цените

Макпетрол“ смета дека намалувањето на цените од 2,5 денари (со ДДВ) за литар на нафтените деривати од страна на ОКТА не е доволно и не го решава проблемот што го налага моменталната ситуација.
„Имајќи предвид дека добавувачот изминатиот период продаваше по многу повисоки цени од малопродажните регулирани цени од страна на РКЕ и остваруваа профити, додека трговците на мало работеа во загуба, но не ги затворија своите продажни објекти, за очекување беше дека ќе се добијат повисоки дисконти во набавната цена“, изјавија преку соопштение од „Макпетрол“.
Оттаму предложија замрзнување на цените.
„Со оглед на состојбата, се очекува цените на суровата нафта и понатаму да растат, а тоа значи дека трговците и натаму ќе бидат принудени да работат со загуби. „Макпетрол“ како најдобро решение за надминување на проблемот за сите засегнати страни, вклучувајќи ги граѓаните, смета дека е замрзнувањето на набавните цени на нафтените деривати, а со тоа и на малопродажните цени, како што е пракса во регионот. „Макпетрол“ сè уште од добавувачот нема добиено официјално известување за намалувањето на цената“, соопштија од компанијата во чија сопственост се најголем дел од бензинските пумпи.






