Макрадули: Како капацитет и квалитет, Шукова отскокнува далеку повеќе од другите кандидати за Скопје
Членот на СДСМ и поранешен функционер, Јани Макрадули вели дека не секогаш во Македонија се гласа за човек и поединец на локалните избори и понекогаш, како што вели, еуфоријата или политичките притисоци носат некое друго решение.
-Неспорно е ако ги споредите сите кандидати дека госпоѓата Каја Шукова има таков капацитет за она што најмногу му треба на градот, а тоа е еден нов инфраструктурен приод во решавањето на наталожените проблеми оставени од ВМРО-ДПМНЕ. Според нејзиното искуство што го има, сообено во делот на животната средина и инвестициите, Шукова има поголеми шанси како капацитет. Останува да се види дали политичката реторика и платформа и целиот амбиент е за еден таков натпревар. Времето ќе покаже дали одлуката била добра или не. Како капацитет и квалитет, отскокнува далеку повеќе од другите кандидати – тука нема збор, рече Макрадули во емисијата „Вести плус“.
Според членот на СДСМ, реториката не смее да се сведе „на кој ќе купи поубав автобус“.
-Тоа не му треба на Скопје. Нормално треба да имаме нормални автобуси, но, на овие улици и на овој начин на одвивање, сеедно ќе биде. Ни треба нова инфраструктура. Претходниот систем што беше предлаган од Шилегов е едно од решенијата. Ни требаат нови линии и нов пристап. Не можете денеска да стигнете од Капиштец до Парк со автобуска линија. Некои улички се тесни…, рече меѓу другото Макрадули