Макрадули по штрајкот во „Пошта“: Утрово пуштивме плата, вработените да не се грижат за стабилноста  

Макрадули по штрајкот во „Пошта“: Утрово пуштивме плата, По најавеното зголемување на минималната плата на 18 000 денари од 1 јануари 2022 година, тој најави дека природно ќе дојде и до разговори со синдикатите за зголемување на платите на вработените.

Платата на околу 2 400 вработени во АД „Пошта на Северна Македонија“ утрово е пуштена на нивните сметки и тоа е во рамки на законскиот рок. Тие нема потреба да бидат загрижени за финансиската стабилност и нивните плати.

Ваква порака попладнево испрати генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Пошта“, Јани Макрадули, по средбата со двата синдикати која следуваше откако вработените денеска почнаа да штрајкуваат за неисплаќање на платата. Во изјави за медиумите, претставници на синдикатите посочуваа дека платата е само една од причините, но имаат и други причини за револт како што се условите во кои работат.

Макрадули рече дека не сака да го коментира тајмингот на овој протест, но на средбата со синдикатите, а потоа и на прес-конференција порача дека Управниот одбор направил низа напори и нема потреба за загриженост.

„Од 11 ноември 2020 како нов Управен одбор во оваа компанија потпишани се 87 нови договори со нови комитенти, воведена е за првпат електронската трговија каде во овој момент има 14 комитенти кои продаваат производи преку нашата платформа, воведени се нови услуги, воведена е флексибилната достава, АД ’Пошта на Северна Македонија‘ има најбрза и најевтина достава како низ градот Скопје така и низ Републиката. Вложивме во инвестиција и ќе нè има во новиот шопинг мол ’Ист гејт‘ каде воведуваме нова услуга со ’ќеса на адреса‘. Со сите тие услуги го уверивме синдикатот да не се грижат за иднината, а вработените да не се грижат како за своите работни места така и за платата“изјави Макрадули.

Директорот вели дека доказ оти овие чекори носат резултати се и аргументите со бројки, па така наведе дека во првите шест месеци од оваа година зголемени се приходите од поштенски услуги – писмоносни услуги за 10,3 милиони денари, приходите од пакети се зголемени за 1,7 милиони денари, а зголемена е и продажбата на марки и приходите се зголемени за 0,9 милиони денари.

 

„За жал платниот промет кој беше отежнат односно не постоеше поради стечајот на ’Еуростандард банка‘, сега го заживуваме со ’Халк бакна‘, сè уште бележи загуби во споредба со минатата година. Но, тенденцијата е дека веќе сме стигнати до неколку милиони трансакции и 50-тина милиони денари од провизијата што ја имаме во сооднос 71:29 отсто, многу повеќе отколку што имаше во претходниот период со ’Еуростандард‘. Покрај тоа, во првите девет месеци исплатени се 70 милиони денари што е за 30 милиони повеќе кон компаниите во споредба со 2020 -вели Макрадули додавајќи дека целта на Управниот одбор е по една година од формирањето на новиот состав да нема долгови од лани.

За „Пошта“ да генерира повеќе приходи, менаџментот аплицирал и до Министерството за информатичко општество и администрација за во своите филијали да стават е-точка за услуги.

 

„Ние имаме податочна мрежа на 335 места низ државата и на тој начин и Владата ќе биде потранспарентна и подостапна, но пред сè, и на граѓаните ќе им бидат олеснети некои услуги“,вели Макрадули.

По најавеното зголемување на минималната плата на 18 000 денари од 1 јануари 2022 година, тој најави дека природно ќе дојде и до разговори со синдикатите за зголемување на платите на вработените.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close