Макрон ги нарече членовите на преодниот совет на Хаити „тотални кретени“
Францускиот претседател Емануел Макрон го нарече членовите на преодниот совет на Хаити „тотални кретени“ поради разрешување на премиерот, според видео снимено на Самитот на Г20 во Бразил оваа недела и споделено вчера на социјалните мрежи.
На видеото од Самитот на Г20 се гледа разговор меѓу францускиот лидер и друго лице кое ги обвинува Макрон и Франција дека се „одговорни за ситуацијата на Хаити“.
Преодниот совет на Хаити го разреши премиерот Гери Конил по само пет месеци на функцијата, што Макрон во видеото го нарече „ужасно“ .
„Тие се тотални кретени“, рече Макрон говорејќи за преодното тело, додавајќи дека „никогаш не требало да го сменат“.
Осудувајќи ги тие изјави, Министерството за надворешни работи на Хаити вчера соопшти дека по „неприфатливите коментари“ го повикало францускиот амбасадор Антоан Мишон.
Според соопштението на министерството, министерот за надворешни работи и богослужба на Хаити, Жан-Виктор Харвел Жан-Батист изразил „огорченост“ на состанокот во име на преодниот совет, кој, како што рече, ги сметал забелешките како „непријателски и несоодветен гест што мора да се поправи“.
На видеото се гледа францускиот претседател, кој е на турнеја низ Латинска Америка и неодамна стигна во Чиле, како ги обвинува Хаиќаните дека „дозволиле да завладее трговијата со дрога“.
„Искрено кажано, Хаиќаните го убиле Хаити“, вели францускиот претседател во видео снимката.
Бизнисменот Аликс Дидие Филс-Аиме положи заклетва како нов премиер на Хаити на 12 ноември, ветувајќи дека ќе ја врати безбедноста во земјата разурната од кризата.