Макрон му се заблагодари на Стармер за „посветеноста“ кон Украина и односите со ЕУ


Францускиот претседател Емануел Макрон денеска му се заблагодари на британскиот премиер Кир Стармер, особено фалејќи ја неговата посветеност кон Украина и кон ревитализацијата на односите меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија.

„Сакам да му се заблагодарам на премиерот Кир Стармер за неговиот придонес во зајакнувањето на француско-британските односи, неговата посветеност во Коалицијата за поддршка на Украина, како и на ревитализацијата на односите меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија“ – напиша францускиот претседател на платформата Икс (X), ветувајќи дека „ќе продолжи по овој пат за доброто на нашите народи и на Европа“.

Кир Стармер денеска поднесе оставка од функцијата британски премиер и претседател на Лабуристичката партија. Тој изјави дека номинациите за неговиот наследник ќе бидат отворени на 9 јули, при што неговиот ривал Енди Барнам се смета за јасен фаворит.

Британскиот весник „Обсервер“ за време на викендот објави дека се очекува Стармер да поднесе оставка во понеделник и дека веќе одредил временска рамка за своето заминување, иако владин извор тогаш тврдеше дека премиерот и натаму е фокусиран на водењето на државата.

Притисокот врз позицијата на Стармер, кој со месеци наназад постојано растеше, нагло се зголеми во петокот, кога неговиот водечки партиски ривал Енди Барнам освои пратеничко место, што му овозможува да започне формална постапка за преземање на водството во партијата.

Back to top button
Close