Макрон: Рускиот напад врз Суми ја нагласува итната потреба од наметнување примирје за Русија
– Рускиот ракетен напад врз градот Суми, во северна Украина, ја нагласува итната потреба од наметнува на примирјето за Русија, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.
“Сите знаат дека Русија е единствената што ја сака оваа војна. Денес е јасно дека Русија е единствената која сака да ја продолжи војната, покажувајќи презир кон човечките животи, меѓународното право и дипломатските напори на претседателот Трамп“, напиша Макрон на платформата Х.
Како што истакна, неопходно е да се спроведат силни мерки за да и се наметне прекин на огнот на Русија.
„Франција работи неуморно кон оваа цел, заедно со своите партнери“, рече Макрон.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, претходно денеска изјави дека во рускиот напад на Суми загинале 31 лице, меѓу кои две деца, додека повеќе од 80 лица се ранети, меѓу кои 10 деца.
Според него, на сите повредени лица им била укажана потребната помош, пренесе Униан.
„Многу е важно сите во светот да не молчат, да не останат рамнодушни. Руските напади заслужуваат само осуда. Потребен е притисок врз Русија за да се стави крај на војната и да се обезбеди безбедноста на луѓето. Без навистина силен притисок, без соодветна поддршка на Украина, Русија ќе продолжи да ја одолговлекува оваа војна“, предупреди претседателот на Украина