Максим Димитриевски: На 24 април очекувам излезеност од 51-52 отсто

Лошите заминуваат, доаѓаат нови кои стануваат уште полоши, а по четири или осум години се враќаат оние од претходно и стануваат уште полоши од новите и така во круг, вели Максим Димитриевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, аргументирајќи зошто е важно на овие избори граѓаните да излезат во голем број и да испратат порака до сите политички чинители.

Тој смета дека Македонија, по Крушево и АСНОМ, заслужува изборно востание и е убеден дека ќе има масовна излезеност, за разлика од некои проценки, базирани на анкети, дека е можно да се случи најнизок одѕив досега.

„Наместо изборно востание да се случи такво нешто (најниска излезеност, н.з.) не верувам, затоа што, видете – кој може да ја смени состојбата? Политичарите се тие кои менаџираат, граѓаните се тие кои одлучуваат. Моќта на одлучување на граѓаните е на денот на избори и овој момент самите граѓани треба да го искористат и апелирам до нив да излезат. Јас верувам дека овој пат во Македонија ќе имаме висока излезеност“,вели Димитриевски.

Според него, одѕивот ќе биде околу 51- 52 отсто, што преведено во апсолутна бројка би значело над 900 000 гласачи. Притоа, потенцира дека државата нема реална информација за тоа колку граѓани недостигаат во земјава и колку се иселени во последните години.

„Бројките се фрапантни, колку ученици на годишно ниво си заминуваат, на почеток или на средина на школска година, ќе го помножите тоа со вкупен број на семејства и ќе видите колку масовно се празни Македонија. Зошто? Не е само од аспект на социоекономскиот момент дека луѓето бараат повисоко ниво на егзистенција, туку првенствено зашто живееме во држава каде што нема изграден систем, каде што нема владеење на право, каде сите се борат против корупција, а корупцијата е на секое ниво, каде што државните институции, вклучувајќи го МВР и Обвинителство, се користат за пресметка“,рече Димитриевски.

На новинарско прашање дали тој не е дериват на истите структури што ги критикува, тој одрекува.

„Не сум дериват, јас моите ставови од првиот ден во политиката сум ги кажувал јасно и гласно, првенствено кога сум бил член на СДСМ, на сите форуми и седници на таа партија, а кога сум немал таква можност и јавно. Кога ја прелија чашата со интервјуто за БГНЕС и кога рекоа дека мојот град го ослободиле администраторите од Бугарија, тогаш реагирав, дојде до голем конфликт и денеска сум тука каде што сум, но се соочив со раководството кога беа најсилни и на централно и на локално ниво“,

вели кандидатот на ЗНАМ за шеф на државата.

Димитриевски уште еднаш се пожали на тоа што законот ги фаворизира „големите“ во кампањата, зашто добиваат девет милиони евра државни пари за рекламирање, 700 000 евра се за другите парламентарни партии и 300 000 за сите останати.

„Мојот штаб од тој колач доби нешто околу 100 000 евра и во рамки на тоа гледате како останатите одат по десет или по дваесет пати минутажа, додека нас не има во една секвенца. Отворате фрижидер дома и гледате некој од кандидатите“,вели тој.

Back to top button
Close