Максо ќе трча за трет мандат градоначалник на Куманово ВМРО ДПМНЕ ќе му биде ветер во грб
Актуелниот градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски очекува да ја добие поддршката од коалицискиот партнер во владата ВМРО-ДПМНЕ во трката за нов градоначалнички мандат
Говорејќи за настапот на неговата партија на претстојните локални избори наесен, Димитриевски во вечерашното интервју во централниот Дневник на ТВ Сител, рече дека ЗНАМ ќе трча со свои канндидати, но во одредени градови, како што рече дефинитивно ќе има предизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ.
„ЗНАМ трча со свои кандидати, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со свои кандидати. ЗНАМ трча со сопствени советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција со нивни советнички листи, но дефинитивно за одредени градови ќе имаме предизборна соработка или поддршка со реципроцитет на едните или другите кандидати, на едната или другата политичка партија. Начелно ова се разговара, а епилогот од разговорите ќе следи и ќе го објавиме официјално“,рече тој.
Прашан дали има прелиминарен договор со ВМРО-ДПМНЕ за негова поддршка во Општина Куманово, тој рече дека се водат интензивни разговори на таа тема и нагласи дека неговите очекувања се да се постигне таков договор.
Во таа насока, тој наведе и дека разговорите не се водат само за поддршка во Општина Куманово, туку и за други општини ширум земјава, но, како што рече, ќе причека сето тоа да се официјализира.
Во врска со тоа дали разговорите се во насока на предизборно коалицирање во конкретни општини на територијата на државата и дали тоа ќе се однесува на заеднички кандидати за градоначалници и советнички листи, Димитриевски повтори дека до крајот на овој месец, ЗНАМ ќе ги соопшти имињата на своите кандидати, како и општините во кои предизборно ќе коалицира со владиниот партнер.
На прашањето дали тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да има свој кандидат во Општина Куманово и евентуално во скопската Општина Центар, Димитриевски рече дека ЗНАМ има апсолутно право да промовира свои кандидати онаму каде што има постигнато најдобри резултати на претседателските и парламентарните избори.
„Разговараме за поголем број на општини на територијата на Македонија и не би сакал да шпекулирам во јавноста се додека разговорите не бидат завршени. Се работи за повеќе, не за една или две, туку за повеќе општини. Таму каде што сме постигнале најдобри резултати на претседателските и парламентарните избори, сметам дека можеме и имаме апсолутно право и поддршка од граѓаните да промовираме наш кандидат, а на крајот на граѓаните е да одлучат“,рече Димитриевски.
На прашањето дали неговата кандидатура за нов градоначалнички мандат во Куманово е дефинитвно донесена, тој рече дека во партијата постои апсолутен консензус во врска со ова прашање. Во тој контекст, Димитриевски наведе дека засега од редовите на ЗНАМ е познато само едно име како кандидат за градоначалник, односно неговото, додека другите ќе ги соопштат наскоро.
„Ние имаме постапка за дефинирање кандидати но околу мене постои апсолутен консензус во партијата внатре и сите се бројки се на таа страна и веќе објавивме дека ќе излезам со нова програма пред граѓаните на Куманово како кандидат на ЗНАМ е верувам и поддржан од нашите коалициски партнери и ќе трчаме за нов мандат. Очекуваме и други општини каде ќе имаме наши кандидати. Верувам дека до крајот на месецот ќе соопштиме кои се тие општини и подоцна кои ќе бидат нашите кандидати“, кажа Димитриевски.