Малата излезност ги „стопи“ гласовите

Малатa излезност на првиот круг од Локалните избори 2021, најниска од независноста досега, ги „стопи“ гласовите на политичките партии, споредено со локалните избори 2017 година, покажуваат податоците на Државаната изборна комисија.

Одѕивот на неделните избори, според веб страницата на ДИК е 48,99 проценти. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски најави дека е можно да има мала корекција, бидејќи се уште пристигнуваат податоците од ОИК. Сепак, и со евентуални корекции излезноста останува историси најниска досега и помала од минимумот од 56 отсто забележан на локалните во 2005 година.

Според податоците за бројот на освоени гласови за општинските совети, објавени досега на веб-страницата за Локалните избори 2021 на Државната изборна комисија, најмногу гласови има ВМРО-ДПМНЕ – 285.525, потоа СДСМ – 239.214, па ДУИ – 103.805, АА/А – 55.540, Левица – 50.181, Беса – 25.426 и ЛДП/ДОМ – 24.850. Независните кандидати на овие избори добија 54.475, што повеќе од двојно зголемување во однос на 2017 година.

ВМРО-ДПМНЕ сега има пад од околу 50 илјади гласови споредено со 2017 година, кога имале 335.769 гласа, додека СДСМ бележи намалување од над 180 илјади гласови. Пад од 21 илјада гласа има и БЕСА.

Споредено со последните избори – предвремените парламентарни во 2020 година кога СДСМ и Коалицијата (БЕСА и ЛДП/ДПА) имаа 327.408 гласа, на овие избори сите заедно имаат – 289.490 гласови, што е пад од 37 илјади гласа. Намалување од околу 27 илјади гласа има и кај ВМРО-ДПМНЕ за чија коалиција на ланските избори се изјаснија 315.344 граѓани.

Минимален пад во споредба со парламентарните избори има и кај ДУИ, но во однос на претходните локални избори бележи раст од 14 илјади гласови од 89.724 гласа во 2017 на 103.805 во 2021 година. Ист тренд има и АА/А, која има раст од шест илјади гласа од 49.125 во 2017, на 55.540 гласа во 2021 година. Сепак, и АА/А во однос на ланските парламентарни избори кога освоила 81.620 гласови, сега има помалку околу 26 илјади гласа.

Раст бележи Левица која на неделените избори освои 50.181 глас, во споредба со парламентарните во 2020 кога имаше 37.426 гласови.

Највисока излезност во 2013 година –  67 отсто

Изборите на 17 октомври беа седмо изјаснување за локалната власт од независноста на државата, но трети на кои се избираа градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Право на глас имаа 1 824 864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и раст од 10 220 гласачи, во однос на изборите во 2017 година.

Најголем одѕив во првиот круг имало на локалните во 2013 година – 67 проценти, а најмал 56 отсто – на локалните во 2005 година.

Во втор круг најголем одѕив имало на локалните избори во 2013 година – 65 отсто, додека најмал – 43 проценти на локалните избори во 2009 година.

Први локални избори на 17 ноември 1996 година – излезност во прв круг – 60%, во втор круг 51%.

Втори локални избори на 10 септември 2000 година – излезност во прв круг – 59%, во втор круг 53%.

Трети локални избори на 13 март 2005 година – излезност во прв круг – 56,36%, во втор круг – 53,66%.

Четврти локални избори на 22 март 2009 година – излезност во прв круг – 57%, во втор – 43%.

Петти локални избори на 24 март 2013 година – излезност во прв круг – 67%, во втор – 65%.

Шести локални избори на 15 октомври 2017 година – излезност во прв круг 60%, во втор круг – 52%.

Back to top button
Close