Малеска-Сачмароска: Политичката припадност се смета за главен основ за дискриминација

Според податоците од истражувањето на Центарот за управување со промени (ЦУП), 45,5 отсто од испитаниците кои искусиле дискриминација или познаваат некој кој искусил дискриминација, ја идентификуваат политичката припадност како главен основ за дискриминирање. Етничката или религиозната димензија, која игра голема улога во нашиот политички систем, овој пат не избива во прв план, посочи извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска-Сачмароска.

Таа во своето денешно обраќање на конференцијата на тема „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“ рече дека дискриминацијата врз основа на политичка припадност најчесто се среќава во областа на работата и вработувањето, како причина за пристап до работно место, напредување и губење на работната позиција.

– Охридскиот рамковен договор, правичната застапеност и поделбата на власта покажаа дека политичкиот систем веќе е уреден и дека на овој начин овие етнички тензии се минимизирани и успеваме да изградиме едно покохезивно општество. Но, она што е историско исправено како една неправда, сега наидува на нови неправди. Дискриминацијата врз основа на политичка припадност најчесто се среќава во областа на работата и вработувањето, како причина за пристап до работно место, напредување и губење на работната позиција, рече Малеска-Сачмароска.

Според неа, она што се јавува како проблематично, е дека чувството на неправда е подеднакво застапено кај сите етнички групи – македонската, албанската и ромската етничка заедница, што упатува на тоа дека постои конкуренција и внатре меѓу самите етнички заедници.

– Постои едно раслојување и по партиска и по етничка припадност, каде што политичките партии успеваат да обезбедат работа и вработување, единствено на своите приврзаници и во етнички македонски и етнички албанскиот блок. Ова говори дека администрацијата се смета за политички плен, а политиката е еден од најбрзи и најдобри начини да се дојде до работна позиција во нашето општество и да се обезбеди социјален статус, посочи Малеска-Сачмароска.

Таа напомена дека сме многу политизирано општество и секоја политичка одлука влијае врз нашиот живот бидејќи приватниот сектор е релативно слаб, а сиромаштијата е продлабочена.

Малеска-Сачмароска посочи дека Комисија за спречување и заштита од дискриминација е целосно функционална и веќе постапува по 248 претставки.

– Сите сме согласни дека дискриминацијата е сложена и општествена појава која не може да се реши без широка консултација и без широка континуирана активност на сите актери во општеството. Всушност, целото општество треба да биде устроено на еден колосек во кој што ќе обезбеди борба против дискриминацијата и еднакви права за сите граѓани, додаде таа.

Претседателот на Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Исмаил Камбери во своето обраќање на конференцијата посочи дека бројот на претставки од минатата година е зголемен за три пати, што укажува на зголемување на довербата на граѓаните, но и показател за квалитетот на работата на Комисијата.

Тој додаде дека како институција, чија примарна надлежност е борбата против дискриминацијата, односно нејзино спречување и заштита од неа, Комисијата за кратко време се етаблираше во независна, непристрасна, ефикасна и професионална институција.

Камбери информираше дека во текот на изминатата година Комисијата работеше неуморно за да се погрижи секој поединец да биде третиран праведно, без разлика на неговата етничка припадност, политичко уверување, пол, сексуална ориентација или која било друга заштитна карактеристика, без рок на конкретни чекори за спречување на дискриминацијата и заштита на правата на оние кои биле подложени на нееднаков третман.

– И како член, и како претседател на ова тело за еднаквост, со гордост можам да кажам дека направивме значајни чекори во борбата против дискриминацијата и промовирање на еднаквоста во нашето општество, од моментот на основање на оваа институција во јануари 2021, до денешниот ден. Како значајни чекори би ги издвоил случајот со овозможување на соодветна настава на малолетничката со попреченост во Гостивар, изедначување на студентските стипендии и овозможување на пристап до вода во неформална ромска населба. Дополнително, веќе ја имаме и првата прекршочна пресуда од прекршочен Суд изречена кон дискриминатор, кој што бил утврден од нашата Комисија, додаде Камбери.

За успехот на Комисијата тој укажа на придонесот на Центарот за управување со промени, како финансиската поддршка на Амбасадата на Обединетото Кралство, но и другите меѓународни и граѓански организации и амбасади во нивните напори за борба против дискриминацијата.

Тој информираше дека Комисијата е целосно дигитализирана во својата работа, податоците од предметното работење се достапни на нивната веб страница, а оваа година фокусот на Комисијата ќе биде ставен и на соработката со други институции.

Камбери воедно го честиташе и утрешниот празник посветен на нулта дискриминација.

– Борбата против нееднаквоста не запира тука. Потребно е уште многу време да ја промениме културата на размислување, во насока на покажување поголема толеранција и разбирање кон различниот од нас. Оптимист сум дека со вакво темпо на работа, на добар пат сме во годините што претстојат да изградиме поеднакво и поправично општество за сите. Затоа, државата треба да обезбеди повеќе финансиски, технички и човечки капацитети што ќе придонесат за понатамошно етаблирање на Комисијата како општествен фактор кој непристрасно се бори против секоја нееднаквост, додаде Камбери.

Back to top button
Close