Малески: Теоретски, декретот на Бајден може да ни ја испразни политичка сцена

САД очигледно оцениле дека продолжува старата пракса на нашите националисти – да уживаат во мирот, но да ги негираат алатките кои доведоа до тој мир, вели за ДВ Денко Малески.

   [ads1]


 

Во „Извршната наредба за блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуват кон дестабилизација на состојбата на Западниот Балкан“, донесена од американскиот претседател Џо Бајден, меѓудругото, беа потенцирани и два клучни договори за земјава – Охридскиот и Преспанскиот. За оние кои ќе директно или индиректно ќе ги поткопуваат тие договори, САД ќе одговорат со санкции. За оваа одлука, за причините поради кои е донесена, и за овдешниот однос кон двата договора, разговаравме со Денко Малески, прв министер за надворешни работи во независна Македонија.

ДВ: Извршната наредба на претседателот на САД навести засилен американски ангажман во Западен Балкан. Дали ова јасно укажува дека САД оцениле оти нивните инвестиции во одредени договори се загрозени, а со тоа и проектираната цел  стабилност и безбедност во регионот?

Денко Малески: Американците имаат еден израз: Нема бесплатен ручек. Три децении по ред, од моментот кога балканските национализми добија демократски легитимитет, националистите имаат бесплатен ручек. Имено, од првите денови на независноста на југословенските републики демократијата им даде демократски легитимитет на националистите. Новото сега, е што со декретот на американскиот претседател Џо Бајден на националистите во Македонија, па и на Балканот, им се ускратува привилегијата на тој бесплатен ручек. Уште пред две децении, чинам Викторија Нуланд, сега трет човек во американскиот Стејт дапартмент, им забележа на македонските политичари дека ја злоупотребуваат Америка. Дека спијат мирно под заштита на Америка која бдее над мирот на Балканот, за кога ќе се разбудат да почнат беспоштедно да ја критикуваат. Не обзирајќи се на ова нефер, но и бедно поведение на македонски политичари и интелектуалци, Америка продолжи да инвестира во мирот на Балканот, ширејќи и стабилизирајќи ја евроатлантската зона на демократски држави. Инвестираа во Охридскиот договор кој ја прекина војната во Македонија и ја постави државата на колосекот на мир и просперитет преку рамноправност на етничките заедници. Инвестираа и во Преспанскиот договор кој ја извлече Македонија од изолација и ја седна на масата на НАТО сојузот, давајќи и на државата безбедносна осигурителна полиса. Очигледно оцениле дека овие инвестиции се загрозени денес и дека треба да се бранат и со активна американска политика. Зашто, старата пракса на нашите националисти – да уживаат во мирот и да ги негираат алатките кои доведоа до тој мир (Охридскиот и Преспанскиот договор), продолжува. Имам впечаток како незадоволството со решенијата од Охрид и Преспа да расте како што расте економската и ковид-кризата.

Отпорот кон двата договора сепак не може да се лоцира на една адреса. Од каде се извира тој?

Знам, беа тоа непопуларни решенија спротивни на волјата на мнозинството Македонци донесени под надворешен притисок. Но тие решенија ја спасија земјата. Без нив земјата беспомошно се лизгаше кон катастрофа. За жал, тоа не може лесно да му се докаже на обичниот гласач кој само знае за она што се случило. Денес, нападот врз Преспа доаѓа од сите страни: од опозицијата, од МАНУ, од универзитетите, од обичниот човек, од дежурни ТВ говорници… Денес, на ваквиот развој на настаните Америка одговара со закана. Теоретски гледано, декретот на Бајден би можел да ја испразни македонската политичка сцена, па дури и да ја лиши земјата од најголемата опозициска партија. Имено, индивидуи и организации кои работат против овие два договори можат да бидат санкционирани со забрана за влез во САД и со замрзнување на нивниот имот таму. Такви поединци, разбирливо, не можат да ја водат државата. ‘Ова е притисок врз Македонија’, велат нашите националисти. ‘Ние само ја изразуваме волјата на мнозинството Македонци’. Точно. Но, притисок е второто име на меѓународната политика, како и улогата на моќта во неа: да натераш некого да стори нешто што не би го сторил без принуда.

Во Грција имаше огромен отпор кон потпишувањето на Преспанскиот договор од страна на тогашната опозиција, но откако таа дојде на власт ја потенцирапотребата од негово почитувањеНашата опозиција се повикува на демократското право да го застапува ставот на мнозинството Македонци кои се против Преспанскиот договор. Што со тоа право?

Заборавете го, порачува американската администрација. Ревизија на овие договори е најкраткиот пат до изолација на земјата и граѓанска војна. Играта со националните чувства на народот заврши. Таа игра не само што ќе ја уништи Северна Македонија туку ќе го дестабилизира Балканот и ќе биде директен удар врз безбедносниот интерес на Америка. Националистичката состојба на умот тешко се менува на Балканот, па играта со патриотизмот може да продолжи уште сто години. Оттаму и фактот дека огромното мнозинство Македонци и Грци се против ‘Преспа’. Но грчката десница се опамети и го прифаќа она што потпишала претходната влада. Македонската десница, така да ја наречам, секојдневно демонстрира дека не ја научила оваа лекција и и пркоси на големата сила која го пацифизира експлозивното балканско подрачје на Европа и ја стабилизира Северна Македонија. Бидејќи македонските националисти во континуитет не ја разбираат меѓународната политика, ризикуваат повторно да завршат како што заврши нивниот претходен лидер Груевски заради истото незнаење. Со декретот, претседателот Бајден порача дека неговата држава не се повлекува од договори врз кои ставила потпис и дека очекува исто поведение од другите потписници.

Што треба да почитуваат партиите, во интерес на стабилноста и безбедноста на државава?

Правило во односите меѓу државите е секоја наредна влада да го почитува потписот на секоја претходна. Кај нас, вели опозициската партија, тоа правило не важи. На ова Америка се заканува со санкции. Од таборот на македонските националисти дојде одговор дека остануваат против ‘Преспа’, но ги прифаќаат деловите на декретот на Бајден кои зборуваат за корупција. Порачуваат дека секој треба да си го гледа својот национален интерес, а ‘Преспа’, според нив, е предавство на македонските национални интереси. Слично и со Охридскиот договор. И повторно, да не се земе предвид американскиот фактор при пресметката на македонскиот национален интерес, туку тој да се постави контра американскиот – е да се нема елементарно знаење од меѓународна политика и реалната позиција на нашата држава во светската политика. Наша стара болка: кога во деведесетите години се обидов да ја објаснам позицијата на малите држави во светската политика, нашите националисти ми порачаа дека нема мали држави туку само мали министри за надворешни работи.

[ads1]

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close