Малиновски за „Призма“: Собранието да ја повика на одговорност претседателката на ДКСК
Долгогодишниот адвокат и член на првиот состав на ДКСК, Драган Малиновски, вели дека со тоа што Собранието сè уште не реагира, го покажува односот на власта и на сите други кон еден од најчувствителните пунктови во борбата против корупцијата
Собранието има механизми да ја повика на одговорност претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, и да ја разреши, станува збор за механизми, кои се поефикасни и поексплицитни, отколку оние што парламентот ги имаше во врска со Судскиот совет, по кои, сепак, посегнаа пратениците.

Недозволиво е ситуацијата да остане ваква, вели во интервју за „Призма“ членот на првиот состав на ДКСК и долгогодишен адвокат, Драган Малиновски, кој, меѓу другото, учествуваше и во изработката на законското решение што предвиде јавност и инклузивност при изборот на членовите на ДКСК во 2019 година.
Малиновски вели дека со тоа што Собранието сè уште не реагира, го покажува односот на власта и на сите други кон еден од најчувствителните пунктови во борбата против корупцијата.
„Дополнително, нејзината функција ја презеде заменичката, меѓутоа претседателката не е времено спречена да работи, таа не отишла на пат и не е болна – оваа ситуација ќе трае подолго. Ако тоа е така, кој ќе ја замени заменичката, ако таа биде спречена да работи од некои причини?“,
вели Малиновски.
Според него, недозволиво е претседателката на ДКСК да не поднесе оставка во ситуација кога е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“.
„Ова е катастрофа! Не само за комисијата, туку воопшто за борбата против корупцијата. Недозволиво е претседателката да не поднесе оставка. Но, ако таа има таков став по однос на својот мандат, тогаш Собранието е тоа што треба да отвори дебата. Тоа е вратата на која треба да се тропне и да се бара одговор на ова прашање“,
додава Малиновски.
Инаку, претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, се најде на листата на осомничени со која Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја прошири истрагата за случајот „Адитив“ кој однесува на криминал во државната ЕСМ тежок 6,5 милиони евра.
Димитровска е осомничена за оддавање службени тајни на друг обвинет во случајот