Малите хидроелектрани штетни по геоморфологијата и шумите

По повод меѓународниот ден на акција за реките, на кој се алармира за заштитата на реките од деструктивните брани и хидроцентрали на глобално ниво, Центарот за истражување и информирање за животна средина ја објавува својата најнова анализа за влијанието на малите хидроелектрани врз геоморфологијата и шумите во нашата земја.

Во истражувањето е анализирано влијанието на малите хидроцентрали врз гео-морфологијата на пределите и загубата на шумите во Македонијапри што се покажува дека поголемиот дел од малите хидроцентрали се изградени во некои од најатрактивните речни долини, кои што извираат од исклучително високи планински венци, заштитени и значајни подрачја од највисоко значење. Такви се бројни анализирани случаи на Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф и други планини. Како загрозени типови на релјеф се издвоени: флувијален, карстен, глацијален и денудациски релјеф, како дел од релјефниот мозаик на Македонија, којшто е поразновиден од многу земји со површина и 20 пати поголема од нашата.

„Од анализата заклучуваме дека со ваквите објекти во голема мера не само што е загрозен геодиверзитетот туку и дека речните долини се трајно променети. Засегнатите речни долини во иднина ќе имаат помало значење во геодиверзитетна смисла, односно целосно или делумно ќе го изгубат значењето како геодиверзитетни објекти или импозантни
речни долини.“- изјави проф д-р Иван Радевски, еден од експертите кои ја изработија анализата.
Во однос на загрозеноста на шумите, мора да се напомене дека загрозеност во големи површини нема, но формирани се поголеми обезшумени коридори по должината на цевоводите, со што е променет пределскиот лик на просторот и се фрагментирани екосистемите.

„Последиците од изградените објекти не се само моментални, туку и идни. Потребни се дополнителни анализи кои ќе опфатат повеќе параметри, како на пример промените во транспортот на седиментите во реките, флуктуациите на протокот во речните корита и проблемите со популациите на рибите. Како еден од заклучоците на оваа анализа е потребата од постојан мониторинг и посеопфатни анализи за влијанијата врз биодиверзитетот и геодиверзитетот на хидроцентралите“- додаде Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

И другите независни анализи направени за влијанијата на малите хидроцентрали во државата досега покажаа дека кај нас не постои соодветна законска рамка и постапка која ќе го ограничи и елиминира ова штетно влијание, па така проектите продолжуваат да се градат во највредните подрачја без контрола и санкција.

„Токму на меѓународниот ден на акција за реките повикуваме на посериозен и систематски пристап на надлежните институции за заштитата на нашите реки. Доколку не успееме да го заштитиме најшето највредно- чистата вода и недопрената природа, многу брзо ќе се соочиме со последици по нашето здравје и добросостојба. Затоа, повикуваме на што побрзо донесување на строга регулатива и нејзино доследно спроведување.“- додаде Чоловиќ Лешоска.

 

Back to top button
Close