Малите и средните претпријатија преку www.bizz4all.mk ќе добиваат бесплатна советодавна помош
Малите и средните компании погодени од Ковид -19 кризата ќе можат преку платформата www.bizz4all.mk да добијат бесплатна советодавно-техничка помош од стручни бизнис ментори за креирање на нови стратегии, пронаоѓање нови пазари, подобрување на продажбата, пристап до финансии ……
Содржините на платформата се од информативен и едукативен карактер, а преку едноставно пополнување на информативен прашалник, секоја заинтересирана фирма ќе добие можност за директна комуникација со соодветен бизнис ментор кој во одреден сет на менторски часови директно ќе работи и ќе понуди советодавно – техничка поддршка на бизнисот. Со цел да се скрати патот потребен за да се одреди најсоодветната програма за финансирање за секој заинтересиран корисник, се нуди систематски и структуиран преглед на сите достапни програми, мерки и активности за поддршка од разни чинители.
– Со дигиталниот продукт www.bizz4all.mk, го надополнуваме сетот активности за поддршка на малите и средни претпријатија. Значењето на овие услуги и совети е дотолку поголемо што кризата трае во континуитет повеќе од осум месеци и компаниите, освен што силно го почувствуваа првиот удар, сега се изложени на една пролонгирана криза со чии ефекти и понатаму ќе се справуваат. Во тој контекст силно веруваме дека бизнис-менторството ќе им помoгне на компаниите да донесат квалитетни одлуки во работењето и постојано да ја оценуваат својата ефективност, истакна вицепремиерот Фатмир Битиќи на денешната онлајн промоција.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска посочи дека Министерството за труд и социјална политика во буџетот за 2021 година има обезбедено четири пати повеќе средства за Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување во однос на оваа година.
– Пандемијата ја наметна потребата за побрзо воспоставување на дигитални алатки и платформи за работа. Создавањето на дигиталната и оригинална алатка biz4all.mk е дел од сетот мерки и интервенции за поддршка на малите и средни претпријатија, нагласи Шахпаска во видео обраќањето.
Платформата е дел од проектот за создавање нови можности за вработување на ранливите категории, со акцент на развојот на бизнис секторот, поддржан од Швајцарската амбасада и реализиран од Програмата за развој на Обединетите нации.
Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан, на промоцијата нагласи дека малите и средните претпријатија се главниот извор на иновации, динамика и флексибилност и токму затоа тие се во фокусот на вниманието на оваа платформа.
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер порача дека Швајцарија останува силно посветена на поддршка на развојот на приватниот сектор и обезбедување на сите услови за градење на инклузивна демократија и пазарна економија во земјава.