МАЛМЕД потврди за „Слободен печат“: Ивермектинот стигна во Македонија
Лекот Ивермектин од утре или задутре ќе може да се најде во аптеките ширум земјава, потврди за Слободен печат директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, Лирим Шабани.
-Ивермектинот е стигнат во Македонија. Денеска во Министерството за здравство ќе му биде одредена продажната цена. Викендов успеавме да го донесеме. Со стандардна процедура го преведовме упатството за користење за компаниите и тоа го забрзавме и го завршивме. Во Министерството за здравство очекувам денеска да му ја одредат цената на лекот и од утре ќе го има по аптеките, ни изјави Шабани.
Лекот Ивермектин е антипаразитен препарат кој досега во земјава не беше регистриран, освен за користење кај животни. Но, сега ќе се користи и за луѓе, за орална употреба.
Стручната комисија што ја формираше министерот за здравство Венко Филипче, потврди дека овој антипаразитен лек со широк спектар на делување, висока ефикасност и исклучително висока безбедност се покажал како добар. За третирање кај луѓе првпат е употребен во 1987 година, а во последните три децении е препишан во 3.7 милијарди дози низ целиот свет со никакви, или незначителни несакани ефекти. Се користи за елиминација на вошки на главата.
Достапен е во повеќе форми, но за луѓето е дозволена само оралната употреба. Во последните неколку децении, Ивермектин се покажал мошне ефикасен и против низа вируси како ХИВ, денга, западно нилски вирус и други РНК и ДНК вируси.
Станува збор за докажано безбеден лек кој што веќе е влезен во протоколот за лекување на пациентите со ковид 19 кој што е усвоен од стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и ковид 19 центрите во интернистичкиот блок. Граѓаните досега овој лек на своја одговорност го набавуваа од Грција каде што чини 10 евра.
И во Бугарија во болниците се користи Ивермектин за третман на заболените со ковид 19. Особено е важно да се знае дека лекот за ветеринарна примена не може да се користи за луѓе поради тоа што покрај активната супстанца, во него има и дополнителни помошни супстанци. На 10 април 2020 година американската Агенција за храна и лекови издаде упатство да не се користи ветеринарниот Ивермектин за третман на ковид 19 кај луѓе, зашто може да е сериозно штетен.
На почетокот на декември, тројца врвни доктори од САД одржаа прес конференција на која што упатија драматичен апел ивермектинот да биде одобрен и за третман и за превенција по остварен контакт со заболен од ковид 19. Тие предложија протокол за употреба на лекот, кој што го нарекоа И Маск, во кој што столб е ивермектинот, заедно со носењето маска и примањето витамини.
Лекот според доктор Драган Даниловски, е извонредно ефикасен кај ковид 19 пред изложување на вирусот, одоносно како превенција, после експозиција на вирусот но и во одмината фаза на болеста. Микробиологот Никола Пановски исто така во текот на пандемијата алармираше дека Ивермектинот треба да се воведе во Македонија, повикувајќи се на научни студии и на светските искуства.
Преземено од Сободен печат