Малолетник од Боговиње ранет во стомакот од случајно испукан куршум

Петнаесетгодишно момче од тетовското село Боговиње било примено во Клиничкиот центар во Тетово со прострелна рана во пределот на стомакот, откако, според првичните информации, било рането од случајно испукан куршум од пиштол што го носел друг малолетник.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека вчера во 14:10 часот од Клиничкиот центар во Тетово било пријавено дека кај нив е донесен повредениот малолетник. Подоцна во Полициската станица Тетово се самопријавиле 42-годишниот С.М. и неговиот 16-годишен син, двајцата од Боговиње, при што го предале и пиштолот со една празна рамка.

Според изјавата на С.М., настанот се случил околу 13:45 часот во селото Боговиње, кога од невнимание дошло до испукување на еден куршум од пиштолот што го носел неговиот малолетен син.

Увид на местото извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово и претставници на Центарот за социјални работи Тетово.

Од МВР информираат дека шеснаесетгодишникот е задржан за понатамошна постапка, а полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.

Back to top button
Close