“Манаки“ – златна „Камера 300“ за Џевахир Сахин и Курсат Уресин

Златната „Камера 300“ на Сахин и Уресин им е доделена за филмот „За сувите треви“.

Џевахир Сахин и Курсат Уресин од Турција се лауреатите на годинешниот Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој синоќа заврши во Битола.

Златната „Камера 300“ на Сахин и Уресин им е доделена за филмот „За сувите треви“ со што се збогати нивниот личен фонд на награди меѓу кои се наградата за најдобра камера на Филмскиот фестивал во Истанбул, како и три награди на филмскиот фестивал „Златен портокал“ во Анталија.

 

Со одлука на стручно жири, сребрена „Камера 300“ на сцената во Битола му беше врачена на кинематограферот Ченгма Жијуан, член на кинеското друштво на кинематогарфери, а бронзена „Камера 300“ беше доделена на кинематограферот Паоло Карнера.

 

На фестивалската сцена во Битола беа доделени награди и специјални признанија за документарен филм, студентска програма и краткометражен филм, кристална и железна „Камера 300“, а меѓу наградените беа и македонските кинематографери Стефан Ѓоргиевски кој доби специјално признание за неговиот придонес во филмот „Мавера“ и Наум Доксевски, кинематографер во филмот „Домаќинство за почетници“.

Според востановената традиција, специјалната златна „Камера 300“ за посебен придонес во филмската уметност која годинава му припадна на Шејмус Мекгарви, ја врачи покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Лауратот Мекгарви во Битола одржа мастер клас. Тој два пати е номиниран за Оскар за најдобра фотографија во филмот „Покајание“ и за филмот „Ана Каренина“.

Мекгарви е потписник на педесеттина филмови, меѓу кои „Педесет нијанси на сивото“, „Годзила“, „Величествениот шоумен“…, а неговиот најнов филм „Вонка“, каде исто така е кинематографер, премиерно ќе биде прикажан оваа година, во декември.

Back to top button
Close