Марјан – Доказ денеска хоспитализиран во „8 Септември“

Сопственикот на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, денеска од притвор повторно е пренесен во болница. Информацијата за „360 степени“ ја потврди директорот на затворот во Шутка, Филип Андов.

„Денеска, околу 11 часот, Стаменковски пак се пожалил на болки, иако прима терапија по вчерашниот ден. Брзата помош одлучи дека повторно треба да се транспортира, по што е префрлен во Градската болница ‘8 Септември’“,вели Андов за 360 мк.
Вторпат викендов Стаменковски од притвор оди во болница. Ноќта во петок кон сабота тој беше транспортиран на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, откако претходно се пожалил на тегоби, а Брзата помош и тогаш проценила дека треба да оди во болница.

На негово барање, вчера беше вратен во притвор, каде денеска повторно се пожалил на здравствената состојба.

Инаку, Стаменковски е во притвор по обвиението против него за серија кривични дела, од кои две за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Back to top button
Close