Мареј: Ќе има многу шок резултати на УС Опен

Енди Мареј, некогаш прв тенисер на светот, смета дека ќе има многу изненадувачки резултати на претстојниот УС Опен, кој треба да започне за еден месец.

Британскиот тенисер, кој го освои турнирот во Њујорк во 2012 година, вели дека недостатокот на тренинзи може сериозно да влијае на резултатите на врвните тенисери.

– Не можете да ги пресликате натпреварите на тренинг, тоа не е исто. За телото е различно, за умот. Притисокот е различен и колку и да се трудите да го направите вашиот тренинг да биде предизвикувачки и тежок како натпревар, не можете да ја повторите таа атмосфера, вели Енди.

Тој вели дека за некои играчи кои не играле долго време, како него, ова ќе биде добра можност да се вратат успешно.

– Некои играчи кои имаат подолги паузи ќе имаат подобри шанси поради искуството, но ова е шанса за сите. Ќе има многу изненадувања. Да одам на УС Опен со потенцијално одигран натпревар или два на Мастерсот во Синсинати, не знам, мислам дека ќе донесе интересни резултати, рече Мареј.

Тој исто така се залага да има повеќе заеднички турнири за тенисери, како што е Хопман Купот.

– На спортот му недостасува вакво нешто. На пример, Хопман Купот беше брилијантен настан. Имате натпревари на кои Серена Вилијамс и Роџер Федерер се на терен во исто време, тоа беше фантастично. Можеме да имаме такво нешто повторно, не можеби секоја недела, но повремено би било добро да имаме вакви натпревари. Би сакал да го видам Надал на теренот со некој топ играч, заклучи Мареј.

Back to top button
Close