Маргерит Дурас – пишувањето и осаменоста

„Чуму си создаваме уште еден, поинаков поглед врз реалноста? Чуму таа паралелност на напишаното со животот?“ Овие прашања си ги поставува една од најзагадочните писателки на дваесеттиот век, која затоа може да се смета и за една од најсимболичните фигури на литературата од тој век. Тој немирен, трагичен, катастрофичен, но и толку творечки, иновативен, фантазирачки век.

Тоа е Маргерит Дурас, Французинката родена  во околината на Сајгон, некогашната француска колонија Индокина, денешниот Виетнам. Уште со раѓањето  во туѓиот, за Европејците непознат свет,  таа ги поврзува, припаѓајќи според сиромаштијата во која расте откако прерано починал татко и‘, спротивставените светови на колонијализмот. А тоа е француската култура и јазик и бедата на домородното население. Затоа што во детството во Сајгон била премногу сиромашна за да припаѓа на  децата на колонијалните господари, растела со виетнамските деца. Одела како и тие, босонога, го зборувала нивниот јазик, виетнамскиот, покрај  мајчиниот.

Француската писателка Маргерит Дурас во 1989 годинаФранцуската писателка Маргерит Дурас во 1989 година

Токму таа длабока, речиси телесна емпатичност, парадоксална дарба да се (со)чувствува со туѓото  се‘ до својата кожа, се‘до целосна слеаност во светот на туѓинците,  ме восхитува кај Маргерит Дурас. За таа  дарба сведочат сите нејзини романи, но, можеби, најмногу  „Љубовникот” (1984) и сценариото за филмот „Hiroshima, mon amour“. И, повторно, нејзиното прашање ( кое може да биде и прашањето на секоја присателка и писател), чуму  се создава уште еден поглед врз реалноста? Чуму пишувањето како „паралелен“ животопис, како нова биографија? Чуму се „препишува“, се пишува одново одиграното во својот  живот во друга животна приказна, таа на  фигурите од романот?  Уверена е дека секој писател пишува книги во кои секогаш раскажува за самиот себе, независно од тоа што сметаат другите. За неа „нема измислени приказни“.

Тоа, всушност,  е парадоксот Маргерит Дурас. Да се биде писател е нешто многу чудно, двосмислено, противречно, верува таа. Затоа, на крајот, таа е исто толку уверена дека  „не постои приказната на нејзиниот живот”. Логично, зашто таа е „препишана”, одново творечки, чувствено пресоздадена во нејзината проза. И, секако, вистина е и нејзиното  уверување дека „не пишува за да ја раскаже својата приказна“. Пишувањето, според Дурас, започнува од чувството на длабока осаменост. Тоа може да биде и творечкото сведоштво на Франц Кафка, кој некаде во „Дневниците” запишува дека е најосамениот човек на светот.  Кога тој (или таа) што се предава на процесот на пишувањето се наоѓа во најдлабоката јама. А таа е бескрајната осаменост,  во која се раѓа сознанието дека спасот е само пишувањето, верува Дурас. Кафка исто пишува со сознанието дека пишувањето го спасува. Пишувањето, на крајот, на Дурас  „и‘ го одзело“ тоа што и‘ останало од животот како сеќавање. „Ја испразнило”, така што повеќе не можела да разликува што е вистината во тоа што го напишала за својот живот. Што навистина  доживеала, а што одново доживеала, пишувајќи го.

Книгата „Љубовникот“ на Маргерит Дурас во германско изданиеКнигата „Љубовникот“ на Маргерит Дурас во германско издание

Тоа, всушност, е токму процесот на „преточување” на доживеаното  низ пишувањето, опишувањето и пре-пишувањето на доживеаното во литературна слика,  која таа  ја нарекува „духовна слика”. Таа е внатрешна, ментална претстава, слична на филмот.

Во неа е пресоздаден животот кој, затоа што станува естетски супстрат, естетски симбол и шифра за животот, иако, всушност, е „пре-раскажување” и видоизменување на лична,  поединечна приказна ( таа на писателката, на писателот), тој  станува универзална слика и писмо.

Сепак, треба да се има во предвид што  стои зад оваа загатка за  Маргерит Дурас. Има еден настан во историјата на  дваесеттиот век, кој за неа ја претставува крајната граница, пред која разумот капитулира, иако мора постојано да се соочува со тој факт. За неа тоа е Втората светска војна и убиството на шестте милиони Евреи.

Тоа сознание ќе било последната мисла пред нејзината смрт, раскажува Дурас во едно интервју. На тој стравотен факт не можела никогаш да се навикне, како на нешто обично. Иако, според неа, 99 проценти од луѓето го прифаќаат така, како неутрален факт. Без размислување, без длабок потрес во умот и срцето. Таа не можела никогаш да го прифати. Ниту да го заборави,  ниту да го разбере. Како и многу еврејски писатели, и таа, Французинката Дурас, учесничка во француското „Движење на отпорот”, систематското убиство на Евреите го смета за најголемиот скандал на модерната цивилизација.

Маргерит Дурас фотографирана во нејзиниот дом во раните 50-ти години на минатиот векМаргерит Дурас фотографирана во нејзиниот дом во раните 50-ти години на минатиот век

Но, кога за неа започнува  „чистото пишување”, на кое останала предадена сиот живот? „Да си претпоставиме дека некој човек  прочитал само едно дело,  делото на Пруст. Би можеле ли да си замислиме дека тој, поаѓајќи од тоа дело, самиот ќе почне да пишува”, се прашува таа само реторички, затоа токму тоа се случило со неа. Таа почетокот на своето пишување го поврзува  својата лектира на Пруст. Пруст ја учел да пишува,  со тоа што тој преку лектирата ја учел како да чита. Ја учел да  избегнува да пишува онака, како што тој не би пишувал. „Ме учеше на кружењето на духот околу една единствена оска, околу свеста на авторот. И на дека само под тој услов создадениот свет се движи, а без него  е неподвижен.“

Создавањето книга Дурас го нарекува „чисто пишување”. Онака како што таа го доживува пишувањето, тоа започнува во сознанието на најдлабоката осаменост. Писателката Дурас започнува да пишува книга во мигот кога  нема никаква тема. Таа „создава книга” за да си ја разјасни состојбата во која не и‘  е јасно што се случува со неа. Книгите за неа се индиректни патишта да се продре до смртта. Затоа за неа да се пишува не значи, да се кажува, да се соопштува нешто. „Да се пишува значи, да се пишува. Писателот е нем.“ Пишувањето е за неа, како и за Кафка, „ноќ“, мрак, штама и немост, во која се раѓаат зборовите. За неа, најнапред само зборовите, а дури потоа речениците. Пишувањето се раѓа за Маргерит Дурас од сознанието дека најосамениот, оној што  во немост пишува, што запишува зборови, што создава книга, се наоѓа и во најсветлиот ден во НОЌТА, во длабокиот мрак на штамата, стишаноста и молкот. Во истиот миг, со јасното сознание во себе, дека „книгата, како се‘ напишано, е секогаш безнадежност“.

Kица Колбе
извор: ДВ

Back to top button
Close