Маргинализирањето на хуманистичките науки не смееме да го аргументираме со логиката на пазарот 

Деновиве е актуелен новиот предлог закон за високо образование што го прочитав внимателно. Има добри работи, но голем дел од промените што планираат да ги воведат се проблематични и директно ја засегаат автономијата на универзитетите, поттикнуваат фаворизирање на одредени научни бази, комерцијализација на науката и елитистички пристап. Објавување на труд во Web of Science се плаќа и по 2-3000 евра, на пример. Условите за работа и напредување во хуманистичките науки би биле особено проблематични.

Дискриминаторските пунктови во вака предложениот закон ќе создадат институционална неправда. Полека ќе го снема подмладокот во науката. 20 % асистенти кои последниве 5-6 години беа примени на работа може да останат без работа. Младите луѓе нема да бидат мотивирани да го туркаат својот пат во академијата со драконски услови за кои самата држава не одвојува доволно финансии за наука. Зборуваме дека одливот на мозоци е еден од клучните проблеми во државава, а овој закон ќе го стимулира токму тоа. Меѓудругото ќе изгубиме интерес од студенти за важните национални дисциплини (јазик, литература, историја, култура…).

 

 

Квантификацијата е за бирократијата, а квалитетот не смее да биде мерлив исклучиво со бројки на објавени трудови во бази со импакт фактор. На пример, не помалку важно е објавувањето на научни книги, монографски изданија, рецензирани трудови во разни научни списанија со меѓународен одбор, учества на меѓународни научни конференции, семинари, вмрежувања, национални проекти… А тоа што хуманистичките науки изумираат не смееме да го објаснуваме со логиката на пазарот кога зборуваме за наука и образование. Паразити има во сите професии и не се исклучок во академијата. Таквите најчесто самите се истребуваат низ сите останати филтри за проценка на квалитет… Се плашам дека добрите и потентните научници ќе бидат принудени да се фатат на орото на контролата, метриката и послушноста. Чувствувам голем гнев кога настувам потреба од дисциплинирање и создавање на послушници, наместо слободоумни и критички настроени професионалци (професори, научници, што и да е…)

 

Ана Јовковска

новинарка, авторка и истражувачка

Back to top button
Close