Маричиќ: Еразмус плус има значаен удел и во напорите за постигнување на зацртаните планови за економски раст

Можноста за размена на идеи, добри практики и искуства во Европски и меѓународни рамки претставува инспирација за голем број на ученици, студенти и образовен кадар, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на денешната конференција „Градење на капацитетите на училиштата”, по повод Еразмус денови во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во рамките на Еразмус+ програмата.

– Преку поддршка на соработката во областа на образование, обуки, млади и спорт, Еразмус плус има значаен удел и во напорите за постигнување на зацртаните планови за економски раст, вработување, еднаквост и социјална вклученост, рече Маричиќ, информирајќи дека за таа цел, само во 2022 година Северна Македонија има на располагање буџет од шест милиони евра кои, како што рече, се спроведуваат преку широк спектар на акции наменети за образование и обука како и поддршка на младите.

 

Според вицепремиерот Маричиќ, образованието е најголемиот влог во иднината на децата и младите, а квалитетното образование гради слободни граѓани, ја засилува економијата и го зацврстува демократското ткиво што е основа за развој.

Заменик евроамбасадорот, Џулијан Васало, истакна дека Еразмус плус програмата за периодот 2021-2027 е најинклузивна до сега.

 

– Таа го покрива не само високото образование, туку сите нивоа и видови на образование и тренинг, што се рефлектира во добропознатото ниво на Еразмус плус, подржано со 24,5 милијарди евра, што е двојно од буџетот на претходната програма, рече тој.

Како што информираше, оваа програма се фокусира на приоритетите кои Европската Унија ги има поставено за државите членки и земјите партнери, а тоа, како што рече, се социјална инклузија, зелената и дигитална транзиција и поголемо учество на младите во демократскиот живот.

 

Директорот на национална агенција за европски образовни програми и мобилност, Марко Ѓорѓиевски ги поттикна учесниците да пишуваат проекти и да аплицираат, бидејќи, како што рече, неаплицирањето, односно недобивањето на проекти, е негативно.

– Тоа значи невмрежување, неследење на европските трендови, неследење на европските наставни програми, тапкање во место, рече тој, дополнувајќи дека целта на конференцијата е да покажат како сите идеи можат да се преточат во апликација

Back to top button
Close